1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бундестагот одлучува за помошта за Шпанија

Иако се смета за сигурно дека Бундестагот ќе даде поддршка за помошта за докапитализација на шпанските банки, некои политичари сметаат дека парите на германските даночни обврзници ќе паднат во „црна дупка“.

Германскиот парламент денеска (19.07) ќе ја прекине летната пауза за да одлучува за помошта за загрозените банки во, од криза погодената, Шпанија. Станува збор за исплати на помош од земјите во еврозоната во висина до 100 милијарди евра. На германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле му е потребна согласноста од Бундестагот за во кругот на неговите колеги од еврозоната да може да даде зелено светло за помошта. Се очекува дека и опозициските групи на социјалдемократите и зелените со мнозинство ќе гласаат за помошта за Шпанија.

Но како во опозицијата, така и во владината коалиција, има политичари кои се сомневаат во делотворноста на помошта за докапитализација на шпанските банки. Пратеникот на владејачката Либерална партија Франк Шефлер предупредува од далеку поголеми ризици за германските даночни обврзници отколку што официјално се претставува. Тој најави дека ќе гласа против помошта зашто таа воопшто не е релевантна за функционирањето на финансискиот систем во ЕУ. „Тоа е ’црна дупка’ која шмука пари од даноците“, изјави Шефлер. Во опозициската партија на Зелените пак, сметаат дека е неопходно да се поддржи Шпанија, но имаат сомневања во тоа дали веднаш треба да се одобрат толкави средства, без да се знае што точно ќе се случува со парите.