1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига - 12. коло: на врвот без промени, дербито за Баерн (М), рекордна ефикасност

Штутгарт го одбрани водството на табелата со победата над Ајнтрахт и тоа во Франкфурт со 2 спрема 0. "Започнавме многу добро и за среќа уште во првите минути постигнавне гол. Тоа не придонесе многу за сигурност во нашите редови, туку побргу се случи обратното - му го препуштивме теренот на Ајнтрахт. Домаќинот ја диктираше играта и честопати страхував да не примиме гол", самокритички и објективно го опиша развојот на настаните тренерот на Штутгарт Феликс Магат.

Баер Леверкузен останува на второто место по убедливата победа од 3 спрема 1 против Шалке, кој и натаму настапува далеку од желбите и можностите. За Јуп Хајнкес, тренер на тимот од Гелзенкирхен, нема мирни денови, додека пак во Леверкузен немир внесоа недоразбирањата шт избија ненадејно во врска со премијата за случај да биде освоена шампионска титула. За среќа по тимот, тоа не остави последици врз играта и резултатот.

Најубедливата победа забележа Вердер Бремен и тоа како гостин,згора на тоа уште и без повредениот голгетер, Бразилецот Аилтон. Сево ова, како и резултатот од 5 спрема 1 против Хановер, уште еднаш покажува дека не е во прашање само подолготраен полет на Вердер, туку и зрелост на тимот за борба за врвот; сепак со резерва дека и минатата година Вердер имаше одличен есенски и многу послаб пролетен дел. Во секој случај, тренерот Томас Шаф може со задоволство да констатира: "Ние ја продолжуваме серијата успешни игри на гостувањата. И овде настапивме самоуверено, прикажавме добро остварување. Повторно во првото полувреме го поставивме темелот на успехот".

Баерн во Минхен убедливо ја совлада Борусија Дортмунд дури со 4 спрема 1, иако гостите имаа во еден дел од натпреварот одржуваа резултат од 1 спрема 1. Но, со оглед на шансите и погодените стативи и пречки од домаќинот уште во почетните минути, резултатот изгледа сосем на место. "Тимот денеска се рехабилитира. Но тоа беше само прв чекор за излегување од кризата и се надевам дека вака ќе продолжиме и во наредните натпревари", рече тренерот Отмар Хицфелд, имајќи го предвид секако и дебаклот во Лигата на шампионите во средата и поразот дома од Олимпик Лион.

Хамбургер со новиот тренер Клаус Топмелер забележа и прв успех - 3 спрема 1 прортив Минхен 1860. Тоа го стори и Ханза Росток предводена од Јури Шлинц - го совлада Кајзерслаутерн со 4 спрема 0. И Херта конечно, по полни 168 денови, прослави победа како домаќин, навистина скромна - само 2 спрема 1 против Борусија Менхенгладбах. Кај гостинскиот тим ни смената на тренерот досега не го донесе посакуваниот пресврт, а тренерот на Херта Хуб Стевенс, кој од трибините диригираше со играта бидејќи поради казна не смееше да седи на клупата, може повторно да здивне - барем до наредното коло.

Дебито на Швајцарецот Марсел Колер како нов тренер на Келн беше обележано со дебакл - 4 спрема 0 пораз на гостувањето кај Бохум. Тоа покажува колку работа му претстои. Потиштеност ги зафати и играчите: "Начинот, а и висината на поразот, се многу разочарувачки за нас. Ова е поразително", изјави капитенот Дирк Лотнер. Средбата Фрајбург - Волфсбург, во која домаќинот славеше победа со 3 спрема 2, беше од оние во борбата за "златната средина".

12-тото коло донесе рекордна ефикасност во тековното првенство со постигнати 37 голови. Апсолутен рекорд во Бундеслигата е поставен во 32-то коло од првенството 1983-84, кога беа постигнати дури 53 голови.