1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига, 11-то коло: Штутгарт нов "ороводец", Баерн во криза, тренерска смена во Келн

По 11-тото коло на фудбалската Бундеслига веќе нема дилеми - шампионот Баерн е во криза, па патот кон набележаната цел - 19-та титула во германското првенство - нема да биде толку едноставен, колку што можеби Баварците претпоставуваа. По поразот од 2 спрема 0 од Шалке во Гелзенкирхен тренерот Отмар Хицфелд не бараше виновник во судијата, иако домаќинот првиот гол го постигна од пенал, а Баерн од 32-тата минута имаше играч помалку по исклучувањето на Линке. "Не сакам да упатувам лоши зборови на сметка на судијата. Ние денеска не покажавме игра, каква што беше неопходна за да се победи", рече Хицфелд. Играчот Клаудио Пизаро, како и од некогашниот ас Паул Брајтнер го критикуваа дека играта премногу ја гради врз центарфорот Рој Макај, па е лесно "да се прочита". Хицфелд гласно искажа стравување дека неговиот тим го губи приклучокот со челните тимови. Пред вистината не ги затвора очите ни капитенот Оливер Кан, иако не го напушта ни оптимизмот: "Кога Баерн не е на првото место, тогаш ние не се чувствуваме добро. Петтото место на табелата не е позиција на која ние припаѓаме. Но, сезоната е долга, и јас сум убеден дека дека сега колку што може побргу мора да започенеме серија за уште пред зимската пауза да фатиме приклучок со самиот врв. Тоа сега има апсолутен приоритет". Во моментов тон во лигата диктираат Штутгарт и Баер Леверкузен. Штутгарт против Фрајбург ја забележа осмата победа во првенствово, а успехот од 4 спрема 1 му го донесе и водството на табелата, бидејќи конкурентот од Леверкузен на гостувањето во Кајзерслаутерн одигра само 0 спрема 0. Навивачите во Штутгарт веќе пеат шампионски песни, а тренерот Феликс Магат настојува да ја смири еуфоријата упорно нагласувајќи дека цел во првенството е пласман меѓу првите пет екипи. Големи причини за задоволство и за амбиции за висок пласман, вклучително и борба за титулата, има и Вердер Бремен. Победата против Ајнтрахт Франкфурт со 3 спрема 1 само е натамошна потврда на основаноста на таквите амбиции. "Ако продолжиме да играме вака, тешко дека некој ќе не порази", вели спортскиот директор на Вердер Клаус Алофс, некогашен репрезентативец. За Ајнтрахт, пак, тоа беше седми пораз во првенството. Борусија од Дортмунд се одржува меѓу челните, а средбата со Хамбургер беше драматична - гостите поведоа со два спрема нула, пресврт донесоа двата гола на чешкиот интернационалец Јан Колер, а победата е остварена со погодокот на Бразилецот Евертон. Гостинот Хановер го победи обезглавениот Келн со 2 спрема 1, кој по четврти пат во шест настапи дома теренот го напушти со наведната глава. Уште пред средбата тренерот Фридхелм Функел доби отказ, а неговото место од денеска го зазема Швајцарецот Марсел Колер. "Мислам дека овде има многу добро опкружување - нов стадион, фантастични навивачи, менаџер, претседател, кои исто така стојат во заднината и можат да придонесат, а има и иднина и перспектива дека нешто може да се направи. Има и многу силно минато, иако тоа беше многу одамна", рече новиот тренер. Менаџерот на Келн Андреас Ретих за Колер вели: "Апсолутен работник, тотално обземен, со многу офанзивна идеја за играта и човек кој во целост му се посветува на клубот - и поради тоа сум уверен дека го пронајдовме вистинскиот". На Колер нема да му биде лесно со оглед на позицијата на Келн во дното на табелата, но од друга страна и покрај поразот, фудбалерите прикажаа борбена и ангажирана игра, па и тоа е капитал врз кој може да се гради подобра иднина. Хановер се стабилизира како тим од "златната средина", токму како и Минхен 1860 , кој го запре силно залетаниот Бохум нанесувајќи му пораз од 3 спрема 1. Талентираниот Бенјамин Лаут како да се разбуди од долготраен сон и постигна хет-трик. Херта Берлин никако да заплива во помирни води - по поразот од Волфсбург со 3 спрема нула повторно се засилија гласовите за смена на тренерот Хуб Стевенс. Борусија од Менхенгладбах веќе десет првенствени натпревари не ја почувствува радоста на победата - ни против последнопласираната Ханза Росток не оствари повеќе од нерешениот резултат 1 спрема 1.