1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига: сите пет водечки екипи одиграа нерешено

15-тото коло на фудбалската Бундеслига донесе пет нерешени натпревари и една единствената победа на гостински тим: ја забележа Ханза Росток против Минхен 1860 и тоа со дури 4 спрема 1. Петте првопласирани екипи освоија само по еден бод, па на врвот на табелата не се смени ништо. Но, се потврди впечатокот дека водечкиот Штутгарт и третопласираниот Баер Леверкузен го губат здивот.
Штутгарт по втор пат последовно во првенството одигра нерешено и без постигнат гол - овој пат против Хамбургер, а во меѓувреме беше и елиминиран од Купот, додека ремито на Баер Леверкузен на гостувањето во Келн му е трет последовен нерешен резултат во првенствените средби, со пораз во купот од третолигашот Хофенхајм. Тренерот на Штутгарт Феликс Магат не беше незадоволен: "Ова навистина е нерешен резултат дома, но некогаш мора да се биде задоволен и со тоа. Ме радува што во одбраната и натаму сме несовладливи, а во нападот шансите веќе наредниот пат повторно ќе почнеме да ги реализираме".
Вердер Бремен не го положи клучниот тест: во дербито на колото дома не успеа да го совлада актуелниот шампион Баерн Минхен и пропушти можност за скок на првото место. Бразилецот Аилтон во својот 150-ти натпревар во Бундеслигата го постигна 14-от гол во ова првенство. За него ова беше десетти последовен реализиран пенал. Репрезентативецот Михаел Балак го нагласи значењето на резултатот за Баерн: "Денеска за нас ова беше многу важен натпревар, средба од решавачко значење. Ни претстојат уште три важни дуели и денешниот бод беше од голема важност".
Херта Берлин, по три последовни порази и отпуштањето на тренерот Хуб Стевенс, освои бод на гостувањето кај Борусија во Дортмунд, која пак остана на петтото место, но според бодовите е поблизу до средината, отколку до врвот на табелата. Тренерот Матијас Замер причините ги гледа во објективни околности: "Мислам дека дојдовме до природните граници, иако тоа веќе никој не сака да го слушне. Со четворица, понекогаш и петмина аматери на теренот, со други како Ројтер, кој цела недела не тренираше, ние не можеме да направиме чуда. Јас не можам, ако може друг - нека повели".

Поврзана содржина