1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига: се компликува ситуацијата и на врвот, како и на дното

Во сенка на скандалот се одигра второто коло од пролетниот дел на првенството во Бундеслигата. Баерн Минхен не ја искористи сосем можноста да се одлепи на врвот на табелата, каде пак се приклучи Баер Леверкузен по извонредниот старт во овој дел на првенството.

Кајзерслаутерн „го симна на земја“ тимот на Шалке

Кајзерслаутерн „го симна на земја“ тимот на Шалке

Стадионот во Берлин по реконструкцијата за прв пат се исполни до последното место – 74 илјади и 500 гледачи привлече гостувањето на Баерн, кои на крајот останаа разочарани. И домаќинот Херта, како и гостите од Минхен повеќе мислеа на одбраната на својот, отколку на загрозување на противничкот гол, па средбата помина без озбудувања и заврши без голови. Баерн сепак и со тој половичен успех направи предност од еден бод, откако во саботата неговиот главен конкурент Шалке беше поразен во Кајзерслаутерн со два спрема нула, прикажувајќи притоа и слаба партија. Уште полошо помина Штутгарт, кој беше поразен на домашен терен од Нирнберг со 4 спрема 2.

Вистински профитери од развојот на настаните се екипите на Баер и на Вердер. Во Леверкузен Баер го совлада Бохум со 4 спрема нула и со биланс од две победи и 7 постигнати, а без примен гол, е најуспешна екипа на стартот од вториот дел на првенството и се проби на четвртото место. Баер заостанува 6 бодови зад водечкиот Баерн, пет зад Шалке и два зад Штутгарт. Бранителот на титулата Вердер, веднаш зад Баер Леверкузен и со бод помалку од него, по победата над Ханза Росток повторно си ги оживеа надежите дека можеби уште не е се’ готово во борбата за врвот. За Ханза, напротив, ситуацијата е се’ потешка, бидејќи Фрајбург по цели три месеци конечно и’ се израдува на победа – го совлада Волфсбург со 1 спрема нула и сега се одвои три бода од последнопласираниот тим од Росток, а се изедначи со Бохум, чии навивачи по поразот во Леверкузен бучно бараа оставка од тренерот Петер Нојрурер.

На сепак пристојна разлика од шест бодови во однос на местата што водат во втората лига се наоѓа Борусија Менхенгладбах, која на тешкото гостување кај истоимениот тим од Дортмунд освои бод играјќи 1 спрема 1 и остана на само еден бод помалку од противникот. Екипата на Борусија Менхенгладбах во продолжение на првенството ќе може да смета на уште едно големо засилување – го ангажира Бразилецот Џоване Елбер, досегашен член на Олимпик Лион, кој од времето поминато во Баерн Минхен има искуство од 256 натпревари во Бундеслигата, при што постигна и 133 голови.

Мајнц е поразен на гостувањето кај Хамбургер со 2 спрема 1 и падна на 14-тото место со ист број бодови како и Борусија Дортмунд. Арминија дома во Билефелд загуби од Хановер со 1 спрема 0 и со 24 бодови и заедно со Нирнберг се поблиску до екипите од дното, отколку до оние од “златната средина”. Неа, пак, ја сочинуваат Хановер, Херта, Волфсбург, Хамбургер и Кајзерслаутерн – разликата од 5-тата до десеттата позиција изнесува само 4 бода.