1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига: на врвот се расчистува, на дното се заматува

Настаните во 29-тото коло од Бундеслигата му одат на рака на Баерн кој со зголемена бодовна предност е на најдобар пат да ја освои титулата. Истовремено, меѓутоа, се компликува ситуацијата во борбата за опстанок во Лигата.

По поразот од Хамбургер играчите на Шалке „ја отпишаа“ титулата

По поразот од Хамбургер играчите на Шалке „ја отпишаа“ титулата

Четири денови по елиминацијата од Лигата на шампионите, Баерн за утеха е на дофат на освојувањето на 19-тата титула во домашното првенство. Победата на гостувањето во Хановер со 1 спрема 0, остварена со гол во последните моменти од натпреварот, е четврта последовна на Баерн и со оглед на киксовите на неговите конкуренти сега предноста изнесува 6 бодови. Доволно за титулата?

„Се разбира не. Денеска со победата на гости секако направивме важен чекор напред, но петте преостанати средби до крајот на првенството значат 15 бодови и, иако шест бодови се наводно голема предност, тоа се сепак само два натпревара, па оттука ние мораме да ги освоиме неопходните бодови. Сметам дека Баерн е доволно искусен тим, знаеме дека имаме поволна појдовна позиција, но и дека се’ уште ни оддалеку не сме ја завршиле работата“ – вели тренерот Феликс Магат.

Шалке остана без здив во финишот на првенството. Поразот дома од Хамбургер со 2 спрема 1 како да ги деморализира играчите од Гелзенкирхен – за нив заврши сонот за титулата: „Да, за оваа сезона во секој случај. Јас секогаш сум голем оптимист, но и реален исто така. Со плус од шест бодови и подобра гол-разлика, што практично значи 7 бодови, и уште само пет натпревари за играње – тоа веќе значи крај. Ќе биде речиси невозможно да се престигне Баерн“ – оценува напаѓачот на Шалке Ебе Санд.

Штутгарт, кој внесе малку возбуда во иминатите кола, „не го преживеа“ гостувањето во Росток: победата на Ханза од 2 спрема 1 и’ беше безусловно потребна за да ги одржи малите шанси во борбата за опстанок, но за Штутгарт значи дека надежите за титулата, како што ненадејно се појавија, исто толку бргу исчезнаа, со оглед на осумте бодови заостанување. Ханза на претпоследното место сега има 26 бодови, три помалку од Бохум, четири од Борусија Менхенгладбах и пет од Мајнц. Две од овие четири екипи ќе ми се придружат на Фрајбург во втората лига наредната сезона.

Бохум оствари извонредно важна победа од 2 спрема 1 во Кајзерслаутерн, а нерешениот резултат во Менхенгладбах: Борусија - Мајнц 1 спрема 1 двете екипи директно ги вовлече во вртлогот на борбата за опстанок. Некогашниот тренер на хоалндската репрезентација Дик Адвокат сепак доби поддршка од раководството на клубот, но самиот веќе не исклучува оставка на функцијата. Играчите го зедоа во заштита. Капитенот Џеф Штрасер вели:

„Врз нас не треба тоа да влијае и ние како тим мораме сега да покажеме карактер и сила, да застанеме пред нашиот тренер и спортскиот директор и да речеме: Ние ќе успееме“ .

Резултатски минимална победа, но со огромно значење оствари Нирнберг над Волфсбург како гостин со 1 спрема 0. Нирнберг сега е во релативно сигурни води, иако не може сосем да биде спокоен во врска со опстанокот .

Од другите дуели, внимание предизвикува победата на Херта против Вердер во Бремен со 1 спрема 0. Баер Леверкузен од Фрајбург носи три бодови по успехот со 3 спрема 1, додека Борусија Дортмунд и Арминија Билефелд играа нерешено 1 спрема 1.