1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига: двојна радост во Минхен, први сомневања кај Шалке, големи надежи во Штутгарт

По победата над Шалке со трите голови на репрезентативецот Курањи на шест кола пред крајот Штутгарт се вмеша во борбата за титулата во фудбалската Бундеслига.

Кевин Курањи беше незадржлив - со трите голови „ги торпедира“ надежите на Шалке во борбата за шампионската титула

Кевин Курањи беше незадржлив - со трите голови „ги торпедира“ надежите на Шалке во борбата за шампионската титула

Баерн во Минхен со многу мака ја совлада Борусија Менхенгладбах со 2 спрема 1, но сега повторно има три бода предност и со натамошно зголемена самодоверба во вторник ќе го пречека Челзи во реваншот од Лигата на шампионите. Тренерот Феликс Магат како позитивен го извлекува фактот дека „играчите виделе оти за 25 минути можат да постигнат два гола“, колку што ќе им се неопходни за да го елиминираат Челзи – под услов да не примат ниеден. Инаку, во врска со домашната титула, тој смета дека решението ќе падне на крајот на првенството.

Највисокиот пораз на Шалке откако го предводи тренерот Ралф Рангник го разниша уверувањето во зрелоста на тимот за освојување на титулата. „Никогаш не зборував за титулата. Наша цел е да се квалификуваме за Лигата на шампионите“ – невообичаено воздржано вели менаџерот на Шалке Руди Асауер. „Со вакво остварување нема што да бараме на врвот“ – строго оцени тренерот Рангник. Штутгарт во извонредната серија освои 19 од 21 можен бод, а тренерот Матијас Замер настојува да ги одржи „на земја“ своите играчи: „Со нетрпение очекувам да видам како ќе настапиме наредната недела кај Ханза во Росток. Се’ друго во моментов уште не ме интересира“. Тој не сака да слушне за темата „титула“, со оглед на 5-те бодови предност на Баерн.

Во престижниот дуел на екипите од северот, официјалниот шампион Вердер како гостин го совлада Хамбургер со 2 спрема 1, со што ги зачува шансите за пласман во Лигата на шампионите. Баер Леверкузен, пак, си ги загрози шансите за пласман дури и во Купот на УЕФА, по поразот дома од Борусија Дортмунд со 1 спрема 0 – навистина по малку несреќен, со оглед на фактот дека голот е постигнат на две минути пред крајот на средбата. Од натпреварот Херта – Фрајбург 3 спрема 1 вредно да се спомне е голот на Бразилецот Марселињо со удар од оддалеченост од 48,3 метри, од кругот на средината на теренот.

Кајзерслаутерн предводен од новиот тренер Ханс-Вернер Мозер, откако минатиот викенд Австриецот Кург Јара доби отказ, забележа победа над Арминија Билефелд со 2 спрема 0. Во директниот дуел во борбата за опстанок Нирнберг ја совлада Ханза Росток со 3 спрема 0. Бохум, по победата над Хановер со 1 спрема 0, е на три бода до спасоносното 15-то место на кое сега се наоѓа Борусија Менхенгладбах. Нема мир ни за Мајнц, иако е со бод повеќе од Борусија, откако во ова коло дома е поразен од Волфсбург со 2 спрема 0. Од најзагрозените екипи Бохум е во најтешка положба не само поради тоа што заостанува со бодови, туку и затоа што 4 натпревари ќе игра како гостин, а само два дома, а меѓу противниците му се и Баерн и Штутгарт.