1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига: Вердер несигурен

Речиси сигурниот првак Вердер подзастана, речиси отпишаниот Келн се подразбуди – можат ли преостанатите 7 кола до крајот на првенството во фудбалската Бундеслига да донесат пресврт кој до пред една или две недели изгледаше практично невозможен?

default

Вердер Бремен со дозволи луксуз на домашен терен да одигра само нерешено 1 спрема 1 против Фрајбург. Ако во редовите на тимот што досега го красеше неверојатна самодоверба се вовлече “црвот на сомневањето”, тогаш седумте бодови предност пред се’ уште актуелниот шампион Баерн Минхен можат да се стопат во преостанатиот дел на првенството. “О, боже, сега се седум бодови. Наредната недела мора да одиме на победа во Франкфурт. Мислам дека таму повторно ќе играме подобро. Како што во последно време игравме на гостувањата, мислам дека имаме многу добри шанси” – се храбри себе си и тимот спортскиот директор на Вердер, екс-решпрезенатативецот Клаус Алофс.

Но, ако во наредната средба фудбалерите на Вердер го напуштат стадионот во Фанкфурт со кренати глави, тогаш останува се’ по старо, а неделниот натпревар ќе остане само како една попатна епизода. Инаку, Фрајбург ги шокира играчите на големиот фаворит со водството уште пред да истече првата минута од натпреварот, и иако Вердер брзо се созема и го изедначи резултатот, иако имаше и играч повеќе по исклучувањето на Бајрамовиќ, не успеа да дојде до планираните три бода.

Баерн Минхен го стори она што можеше – забележа победа од 2 спрема 0 на гостувањето кај Кајзерслаутерн и чека натамошни киксови на водечкиот. “За нас ова не беше едноставен натпревар. Во првиот дел Кајзерслаутерн играше концентрирано и не ни дозволи никаква посериозна гол-шанса. Решавачки момент веројатно беше црвениот картон за Малц, со што домаќинот остана со играч помалку” - оцени тренерот Отмар Хицфелд. А во последно време многу критикуваниот репрезенатативец Михаел Балак не губи надеж: “Ако киксне Вердер, ние сме тука. Се’ додека е математички се’ уште можно, ние не се предаваме”.

Во горниот дел на табелата Штутгарт останува сигурен на третата позиција со пет бодови помалку од Баерн и исто толку повеќе од Баер Леверкузен. Занимлива е борбата за петтото место кое води во Купот на УЕФА – три екипи од ист регион се борат за него. Сега чекор напред е Шалке, но со само бод повеќе од Борусија Дортмунд, која на директниот конкурент Бохум јасно му стави на знаење кој е кој во тоа друштво.

На дното, всушност, ништо ново, освен дека Келн можеби го повлече со себе Ајтрахт Франкфурт во втората лига. Сепак, и една веројатно презадоцнета победа повторно ги подгреа надежите во Келн: “За втора лига не зборувам се’ додека има шанса да останеме во првата”- вели сегашниот советник и иден претседател на клубот, келнската фгудбалска легенда Волфганг Оверат.

Дотолку повеќе што можните конкуренти во борбата за опстанок потфрлија: Херта дома одигра нерешено 1 спрема 1 со Ханза Росток, Кајзерслаутерн загуби дома од Баерн, Борусија во Менхенгладбах не успеа да освои повеќе од бод против Баер Леверкузен. Единствен вистински добитник од настаните во 27-то коло е Хановер со победата на гостувањето кај Минхен 1860, кого го вовлече во кругот на загрозените. Таму е и Волфсбург, кој дома доживеа хаварија – 1 спрема 5 против Штутгарт. Цехот прв го плати досегашниот тренер Јирген Ребер – по 13 месеци поминати во градот на фолксваген-автомобилите, тој доби отказ и за негов заменик веднаш е именуван Белгиецот Ерик Геретс. Тој пред неколку недели доби отказ во Кајзерслаутерн – работите личат на безизлезност и вртење во круг. Ова е осма смена на тренер во тековново првенство, 276-та во историјата на Бундеслигата.

Само Фрајбург, Ханза и Хамбургер во “златната средина” можат да играат растоварени од некаков резултатски притисок.