1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслига: без промени ни на врвот, ниту на дното

Во 14-то коло победи забележија екипите што се борат за титулата, а поразени се оние што се борат за опстанок во фудбалската Бундеслига

Радост на победниците: од средбата Шалке - Бохум

Радост на победниците: од средбата Шалке - Бохум

Шалке уште во петокот го одбрани првото место по победата над Бохум со 2 спрема 1, но и неговите конкуренти исто така беа успешни: Вердер убедливо ја совлада досега во првенството необично силната Арминија од Билефелд со 3 спрема 0, а Штутгарт синоќа забележа минимална победа од 1 спрема 0 против Борусија од Менхенгладбах, па и натаму остануваат на два бода зад водечкиот Шалке.

“Прекрасен натпревар севкупно погледнато. Забележително е и заслужува признание она што денеска го прикажа тимот, затоа – големи честитки” – зборови какви што ретко се слушаат од инаку секогаш воздржаниот тренер на Вердер Томас Шааф. “Не радува што по интензивниот натпревар против Челзи одигравме слична партија и против Билефелд и со малку среќа можевме да постигнеме уште некој гол” – се надоврза и репрезентативецот Тим Боровски.

Признанија Вердер доби и од противникот. “Мислам дека денеска наидовме на еден тим на Вердер кој недвосмислено подвлече дека игра најдобар фудбал во Германија. Морам исто така да кажам и дека секогаш е задоволство да се гледа Мирослав Клозе. Брутално е како тој игра фудбал. Тоа е највисоко ниво” – рече тренерот на Арминија Томас фон Хезен. Клозе беше двоен стрелец и сега веќе го дели второто место на ранг-листата на голгетерите со 8 постигнати голови, колку што имаат и Рој Макај од Баерн и Марио Гомез од Штутгарт. На чело, со еден гол повеќе, и натаму е напаѓачот на Херта Марко Пантелиќ.

Марио Гомез е единствениот од водечкиот квартет кој во ова коло не ја затресе противничката мрежа, но сепак е задоволен од победата со која неговиот тим Штутгарт остана во борбата за врвот на табелата: “Наша цел беше денеска да победиме, а не да играме бразилски - тоа го постигнавме и сосем е се’ едно како на крајот изгледаше натпреварот” – рече Гомез.

Борусија Манхенгладбах запаѓа се’ подлабоко во криза, славниот тренер Јуп Хајнкес, кој своевремено со Реал Мадрид стигна до европскиот врв, сега како да нема вистински решенија: “Играчите премалку се осмелуваа, им недостасуваше самодоверба. Едноставно, немаше тек во нашата игра. Во второто полувреме игравме значително подобро, извршивме притисок, создадовме шанси - за жал, залудно е се’, кога тоа не резултира со гол”.

Баерн го преброди гостувањето во Хамбург и по победата од 2 спрема 1 е на четврто место со 26 бодови, три помалку од Шалке, еден од Вердер и Штутгарт. “Што се’ се крие во овој тим се покажа во второто полувреме, кога тој го притисна противникот до ѕид” – прокоментира менаџерот на Баерн Ули Хенес. Во вториот дел гостите од Минхен направија резултатски пресврт по водството на Хамбургер со 1 спрема 0 со голот на Рафал ван дер Ваарт постигнат од пенал во 18-тата минута.

“Многу добро влеговме во натпреварот, го спроведовме сето што го планиравме, во првото полувремем игравме многу компактно, на противникот не му дозволивме да создаде ниту една шанса” – оцени тренерот на домашниот тим Томас Дол. Во вториот дел Макај и Пизаро, одлично проиграни од повратникот во тимот, поранешниот репрезентативец Себастијан Дајслер, се погрижија за победата на Баерн. “За нас ова беше многу разочарувачко попладне. Толку многу планиравме. Сега мораме повторно да се исправиме” – се храбри самиот себе си Дол, кому полека му истекува времето како тренер на Хамбургер.

Херта од Берлин веќе пет кола не знае за пораз, во меѓувреме ја забележа и третата победа во оваа успешна серија – 2 спрема 1 против Алеманија Ахен - и е на петта позиција со 24 бодови. “Според очекувањата, Ахен беше тежок противник за нас. Мислам дека игравме против еден многу добар тим, кој го прикажа сето она што го направи толку силен на гостувањата во последно време” – рече Фалко Гец, тренерот на Херта.

Победа за охрабрување постигна Баер синоќа во Леверкузен – 3 спрема 1 против Енерги Котбус. “За сите нас е големо олеснување што повторно добивме еден натпревар од Бундеслигата. Светот повторно ни изгледа малку попријатен” – вели тренерот на Баер Михаел Скибе, кој досега доживеа повеќе разочарувања, околку задоволство во Леверкузен. Баер, со 18 бодови на 10-тото место, се приклучи кон средината на табелата, каде се и Арминија на шеста позиција со 20, Борусија Дортмунд и Волфсбург со по 19 и Нирнберг со 18 бодови.

Екипата од Дортмунд на гости кај Ајнтрахт во Франкфурт одигра нерешено 1 спрема 1, со ист резултат заврши и средбата Волфсбург – Нирнберг. За прогнозерите лесни типови, со оглед на фактот дека тоа беше 9-то реми на Нирнберг, осмо на Ајнтрахт, а Борусија Дортмунд и Волфсбург седумпати досега во првенството одиграа нерешено.

За разочарувања особено може да стане збор кога се во прашање екипите од долниот дел на табелата: петте последнопласирани тимови доживеаја пораз. Мајнц, победен со 1 спрема 0 на гости кај Хановер, е последен со 9 бодови, Хамбургер има 11, Бохум 12, Борусија Менхенгладбах 13, Алеманија Ахен 15. Само малку посигурни може да се чувствуваат Хановер, кој сега има 16, исто колку и Енерги, а Ајнтрахт на 11-тата позиција има 17 бодови.

Во 15-тото коло, што ќе се игра на наредниот викенд, во фокусот е средбата Вердер – Херта; дерби на дното, пак, е дуелот Бохум – Хамбургер.

Неуспешен камбек на Шулц

Боксерот во тешка категорија Аксел Шулц по седумгодишна пауза се обиде да се врати во рингот, но доживеа тежок пораз: во шестата рунда мечот беше прекинат по големата супериорност на противникот, Американецот Брајан Минто. “Судијата со право го прекина мечот. Дали беше фрлена крпа во рингот или не, се’ едно – Брајан прикажа добра борба и јас добив многу удари во главата, па прекниот, јасно, беше оправдан” – рече Шулц. Претходно во 4-тата рунда Шулц еднаш веќе беше на подот.

11 месеци Шулц на Флорида во САД се подготвуваше за овој меч, но паузата и возраста – Шулц има 38 години, го сторија своето. Три пати во кариерата тој се бореше за титула светски првак, три пати за европски – и не успеа да освои ниту една од нив. И последниот меч претходно, во 1999-та година, против сегашниот ИБФ – светски првак Владимир Кличко, го загуби со технички нокаут. Утеха за поразот од Минто и многубројните силни удари што ги прими, Аксел Шулц може да најде во хонорарот од три милиони евра!