1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундеслигата и правилата за финансиски фер-плеј

Почетокот на бундеслигашката сезона буди насмевки на лицата на навивачите, но и на градските татковци: фудбалот е голем бизнис во Германија. Но, новите правила на УЕФА за финансиски Фер-плеј можат да наметнат рестрикции.

Меч на домашен терен на еден бундеслигашки клуб може да има драматични ефекти врз еден град: околните автопатишта се преполни, огромни турканици во возовите и трамваите, во градските центри се собираат илјадници навивачи. Сите тие трошат пари на денот на мечот: купуваат билети за јавен превоз, сувенири, храна, пијалоци, некои дури и преспиваат во локалните хотели.

Во Леверкузен на секој фудбалски меч навивачите трошат во просек околу 730 илјади евра, а во сезоната се играат најмалку 17 мечеви на домашен терен. И да ги одземете оние 25 илјади евра кои градот дополнително ги троши за јавниот транспорт и чистењето по мечот, останува завидна маргина на профит.

До овие бројки дојде Институтот за спорт, бизнис и општество на Европската школа за бизнис (ЕСБ), кој истражуваше колку германските градови профитираат од фудбалските мечеви. Она што е скапо е ангажманот на полициските сили кои ги обезбедуваат мечевите, но трошоците за нив и онака паѓаат на покраинските влади, па тоа не ги оптоварува градските каси.

Leverkusen - BayArena

Бај Арена во Леверкузен

На крајот на сезоната 2011/2012, Бајер Леверкузен пријавил профит од 4,6 милиони евра од своите мечеви. Но, не се само натпреварите на домашен терен оние кои носат пари. Бундеслигашките клубови не се само спортски друштва, туку прераснуваат во вистински компании. Тие плаќаат даноци и вработуваат голем број луѓе во маркетинг, обезбедување, одржување, итн.

Успешен клуб во Бундеслигата го подобрува и имиџот на градот, а тоа повторно носи повеќе пари. Саша Шмит од ЕСБ вели дека публицитетот кој градот Леверкузен го добил преку настапите на тимот во Лигата на Шампионите вредел околу 2,5 милиони евра. Имено, таа сума градот ќе требало да ја инвестира доколку сакал да постигне исто ниво на маркетинг преку телевизиските реклами.

Што менува фер-плејот на УЕФА?

Прашањето е дали нешто ќе се промени со новиот финансиски фер-плеј кој го воведува европската фудбалска организација УЕФА. Идејата е да се ограничи трошењето на клубовите во разумни рамки што претпоставува дека ќе треба да се инвестира толку колку што се заработува, и да се избегне енормно задолжување. Целта е да се обезбеди фер третман и еднаквост на клубовите ширум Европа.

Но, критичарите се убедени дека тоа нема да функционира.

„Во европскиот фудбал со децении нема еднакви можности за сите, и не верува дека сега нешто ќе се смени“, вели Дирк Мазуркиевич, професор по економија на Универзитетот во Кобленц. Напротив, тој верува дека новите правила само ќе го забетонираат статусот на европските „големци“ како Манчестер Јунајтед, Барселона, Реал, Бајерн, додека малите клубови ќе имаат уште поголеми проблеми да дојдат до инвестиции кои би им помогнале да станат уште поконкурентни.

Michel Platini UEFA EM 2020

Претседателот на УЕФА, Мишел Платини

Јорн Квицау од Беренберг банката смета дека клубовите ќе најдат начини да ги заобиколат новите правила, а УЕФА ќе мора да одлучи какви бариери ќе постави за спонзорирање.

„Дали некој клуб сега треба да одбие некој руски тајкун или арапски шеик кој великодушно ќе понуди да купи играчи од светска класа или да изгради нов стадион?“, прашува Квицау.

Мазуркиевич смета дека со новите правила УЕФА презема и ризик поради тоа што целата акција може да се сфати и како мешање во приватна сопственост, па дури и како нарушување на правилата на ЕУ за економските слободи. Сепак, тој ги поздравува мерките како „прв чекор во вистинска насока“, со кој и на големите клубови ќе им се стави до знаење дека не можат вечно да произведуваат долгови.