1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бундесверот - пожарникар во Косово

Магазинот „Ди цајт“ анализира зошто Германија испрати дополнителен контингент од околу 550 војници во Косово, а министерот Вестервеле зборува како може да изгледа ЕУ по 10 години.

Магазинот „Ди цајт“ во денешното издание (26.04.2012) вели дека „појдовна точка за можна ескалација“ во Косово, поврзана со претстојните претседателски, парламентарни и локални избори во Србија, „е северниот дел на најмладата европска држава. (...) На 6. мај сакаат и жителите на северниот дел на Косово да учествуваат на изборите во соседната земја - и на локално ниво, сосем како да се граѓани на некоја српска провинција. Во Приштина тоа се смета за неприфатлива провокација. Српските хулигани, членовите на криминални банди и албанските националисти го даваат својот удел за одржување на висока тензија. Затоа се прави засилување на трупите, во што учествува и австрискиот контингент на КФОР. Колку повидливо меѓународното воено присуство, толку постудени глави - вели сметката.

Тоа би можело и да успее - со многу среќа, дипломатски ангажман и деескалација од страна на локалните политичари. Но, тоа ништо не менува во основниот проблем, што постојано наново го распламтува овој конфликт. Српските политичари се’ уште не сакаат да си признаат дека го загубија Косово“.

Во текстот понатаму се укажува дека откако ЕУ, „и по притисок од Германија“, јасно ставила на знаење дека не сака по Кипар да прими и друга земја со нерешен конфликт околу границата, Белград ги откажа локалните избори во северниот дел на Косово. „Напросто веќе нема политичка контрола врз тамошните жители. Тие се чувствуваат загрозени од Албанците и КФОР и предадени од Белград. Сега сакаат на своја рака да ги организираат локалните избори и секому, кој сака да ги спречи во тоа, му се закануваат со насилство. Оттука и ангажманот на Бундесверот како пожарникар“, заклучува „Ди цајт“.

ЕУ по 10 години: со ЕМФ и претседател избран од народот

Истиот магазин објавува и интервју со германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, во кое тој, покрај другото, зборува и за тоа, како треба да изгледа ЕУ по 10 години:

„Не е доволно од кризата да се извлечат само консеквенции во финансиската политика, ние мораме да најдеме структурни одговори. Се наметнува прашањето, дали од сегашните фондови за спас, ЕФСФ и ЕСМ, еден ден не треба да произлезе некој вистински европски монетарен фонд - ЕМФ. Друго прашање се однесува на нашите демократски механизми на донесување решенија. Можеби би можеле да се согласиме да дозволиме повеќе решенија со мнозинство на гласови. Можам да си замислам и повеќе постојани претседателства, наместо досегашното двојно, и би бил за тоа претседател на ЕУ во иднина директно да биде избиран од народот. Во моментот кога европските политичари ќе мораат во цела Европа да агитираат за себе и своите идеи, тие ќе станат и познати во цела Европа. Со тоа кај населението се намалува дистанцата помеѓу политичките решенија и Европа каква што тоа ја доживува“, пишува „Ди цајт“.