1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бундесверот е партнер на АРМ

Германскиот Бундесвер уште од формирањето на Македонската армија е нејзин доверлив партнер. Последниве пет години, соработката меѓу двете армии бележи видно квалитативно зголемување.

default

“Ако некогаш годишно имало 4 до 5 активности меѓу двете армии, сега нивниот број е 15. И тоа од логистика, преку персонален менаџмент до најразлична обука”, изјави за Дојче Веле полковник Горанчо Котески, до пред една недела раководител на воената мисија на македонската армија во Германија. Котески, кој беше прво аташе на армијата на Македонија во една земја членка на НАТО од Европската Унија, потсети дека заедничката партнерска работа меѓу АРМ и Бундесверот се огледа, војнички кажано, на повеќе фронтови. Најпрво не треба да се заборави дека македонските војници за првпат учествуваа во една меѓународна воена мисија под знамето на германскиот Бундесвер во Авганистан. Заедничката соработка на меѓународен план трае и денес. Македонските и германските војници се дел од таканаречените ОМЛ - тимови за обука на припадниците на армијата во Авганистан.

Билатералната соработка кога е во прашање обуката на војниците, во последниве пет години е зголемена за 70 проценти. Во Бундесверот пристигнуваат и се образуваат 20 до 25 припадници од различно профили на АРМ.

За Бундесверот постои само Република Македонија

Полковник Котески, набројува дека и комуникацијата меѓу армиските врвови на двете држави бележи континуирана нагорна линија. Меѓусебните средби на првите луѓе од генерал-штабовите и министерствата за одбрана се веќе вообичаена и рутинска работа, што секако се должи на заемната доверба. Инаку, германскиот Бундесвер и технички и советодавно ја помага македонската армија.

Котески потсети дека сево ова се одвива во време во кое се случи и ветото на Грција за членството на Македонија во НАТО. Но, според него, на почва на Германија Македонија нема проблем со името, барем кога е во прашање комуникацијата меѓу македонската воена мисија и армиските институции на Германија.

“Министерството за одбрана во сите службени преписки со воената мисија се обраќаше со Република Македонија. Ние во министерството за одбрана се водиме како Република Македонија. Во една прилигода кажав дека сите службени преписки кои пристигнуваат до воената мисија од кое било ниво ќе бидат враќани ако земјата се именува со Поранешна Југословенска Република Македонија”, изјави за Дојче Веле полковник Горанчо Котески, кој за петгодишниот ангажман како воено аташе на Република Македонија во Германија доби и признание од своите колеги акредитирани во Берлин.