1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бундесверот делумно растоварен од вината?

Авганистанската истражна комисија за воздушниот напад врз две цистерни со гориво киднапирани од талибанците кај Кундус делумно го растоварува од одговорност Бундесверот. Но, во извештајот се говори и за убиени цивили.

default

Во изминатите денови од сите страни доаѓаа критики на сметка на Бундесверот поради бомбардирањето на двете цистерни со бензин во близина на Кундус. Авганистанската истражна комисија ги зеде барем делумно во заштита припадниците на германската армија. Конечниот заклучок на извештајот гласи дека нападот на воздушните сили на НАТО врз основа на наредбата на германскиот полковник е изведен во ненаселено место, врз двете грабнати цистерни, кои биле заглавени во едно речно корито.

Во документот, кој денеска треба да му биде предаден на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, сепак се изнесува и заклучокот дека во инцидентот имало и цивилни жртви. Талибанците имено повикале свои соборци, но и цивили од околните села да им помогнат во извлекувањето на цистерните од реката. Цивилите истовремено се обиделе и да нацрпат гориво од цистерните. Одговорноста за инцидентот поради тоа ја сносат талибанците, гласи заклучокот.

Истрагите на НАТО и ОН се’ уште траат

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен повторно зазема став во однос на воздушниот напад. Тој, како што рече во изјавата на еден видео-блог и самиот во изминатите денови поставил многу прашања за овој

Belgien NATO Genreralsekretär Anders Fogh Rasmussen in Brüssel

Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен

случај. Расмусен истакна дека се’ уште не се знае што точно се случило но: „Изгледа дека животот го загубиле и цивили. Најдлабоко жалам поради тоа. Покренавме опсежна истрага за да откриеме што се случило“, рече Расмусен.

На извештајот од истрагата на НАТО за овој случај веројатно ќе се чека уште неколку недели. Посебна истрага покренаа и ОН. Она што со сигурност се знае е следново: Екстремистите ги грабнале двете цистерни со гориво наменети за потребите на војниците на НАТО. Возачите потоа биле убиени. Истата ноќ командантот на трупите на Бундесверот во Кундус дал зелено светло за воздушен напад. Она што се’ уште не се знае е бројот на цивилни жртви. Гувернерот на областа Чар Дара, каде што се случи нападот на НАТО, тврди дека загинале околу 130 лица, многу од нив цивили. Бундесверот најнапред говореше за 56 убиени талибански бунтовници. Германското министерство за одбрана беше цел на бројни критики бидејќи долго време одбиваше да говори дека во тој напад страдале и цивили.

Новата стратегија под знак прашање

Една од причините поради кое се покренати бројните истраги е фактот дека инцидентот се случи во момент кога НАТО ја најавува својата нова стратегија во Авганистан, со која би требало да биде намален бројот на цивилните жртви. „Правиме се’ да го намалиме бројот на жртви. Воспоставивме нова стратегија и од јуни наваму бележиме пад на бројот на загинати цивили за 90 насто. Тоа е напредок и ќе продолжиме да се концентрираме на тоа“, истакна генералниот секретар на НАТО, Расмусен.

Се’ уште не се знае дали извештајот на авганистанската комисија содржи и попрецизни податоци за вкупниот број загинати во воздушниот напад врз цистерните. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи истовремено во интервју за францускиот весник „Фигаро“ жестоко ја критикуваше германската армија. Тој рече дека била направена груба грешка при проценката на ситуацијата.

Автор: Кај Кистнер / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска