1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бундесверот во одбрана од критики

Министерството за одбрана во Берлин ги отфрла критиките на домашната и светската јавност за наредбата за воздушниот напад во Кундус. Можноста во инцидентот да имало и цивилни жртви сепак не се исклучува.

default

Германскиот министер за одбрана, Франц Јосеф Јунг уште еднаш застана во одбрана на одлуката за нападот. Тој повтори дека постоела конкретна опасност од напад врз германските сили. Јунг исклучи можност за негова оставка и покрај критиките на сметка на неговата политика на информирање. Министерот за одбрана, меѓутоа, првпат рече дека е можно во нападот да имало и цивилни жртви. Силите ИСАФ предупредија дека не треба да се шпекулира околу бројот на жртвите и оти треба да се почека извештајот на истрагата за случајот.

Информациите за значително поголем број на жртви, меѓу кои е можно да имало и цивили, доведоа до остри критики на сметка на Бундесверот, како од домашната, така и од меѓународната јавност. Без право, како што смета портпаролот на министерството Рабе. „Ниту еден министер за надворешни работи од земјите на НАТО досега не се изјаснил. Не можам да разберам како високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, или некои други политичари се изјаснуваат за проблем, кој се` уште не е расчистен.“

На Германија и` се заканува изолираност

Nato Angriff Afghanistan

Местото на нападот во Кундус

Поради критиките на сметка на информативната политика на министерството за одбрана опозицијата во Берлин е вознемирена. На Германија и` се заканува меѓународна изолираност, предупредува лидерот на партијата на Зелените, Чем Ездемир. „Целата комуникациска стратегија на оваа владата е апсолутна катастрофа. Она што е сега итно потребно е извинување до жртвите и роднините. Ова ќе придонесе да се разјасни дека потфрлањето на министерот за одбрана, Јунг, не смее да ја изолира Германија.“

Партијата на левицата, пак, смета дека се оправдани нејзините барања за повлекување од Авганистан и за денеска (08.09.2009) закажа протестен собир пред Бранденбуршката порта во Берлин. Генералниот секретар на партијата, Дитмар Барч, потсетува дека мисијата во Авганистан чини петстотини милиони евра годишно. „Проблемот во Авганистан не може и нема да се реши со воени средства. Погрешно е и понатаму деведесет проценти од средствата да се испраќаат за воени цели, а само десет проценти за цивилен ангажман.“

На барање на опозицијата, канцеларката Ангела Меркел денеска (вторник) во Бундестагот ќе даде владина изјава за воздушниот напад во Авганистан. И така, мисијата на Бундесверот во Авганистан се најде во центарот на предизборната кампања, иако партиите на власт тоа воопшто не го сакаа.

Автор: Нина Веркхојзер/Трајче Тосев/ дв

Редактор: Александра Трајковска