1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бундесбанката очекува нова помош за Грција

Германската Бундесбанка смета на нов пакет помош за Грција по парламентарните избори во Германија, информира магазинот „Шпигел“. Портпарол на банката не ги коментира овие информации.

Германската централна банка, Бундесбанк оценува дека наскоро ќе биде неопходна нова програма за спас на Грција, се вели во извештај на новотo издание на магазинот „Шпигел“. Европејците најдоцна на почетокот на 2014 година ќе мораат „во секој случај да усвојат нова кредитна програма за Грција“ цитира магазинот од интерен документ на Бундесбанката упатен на германското Министерство за финансии и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Истовремено експертите на централната банка ја критикувале последната кредитна транша за кризната евро-земја, како и проверката која претходно ја спроведе Тројката донатори, Комисијата на ЕУ, ЕЦБ и ММФ. Ова се должело на „политички принуди“, се цитираат ексеперти на Бундесбанката. Ризиците на спасувачката програма ги оценуваат и натаму како „невообичаено високи“ и ја критикуваат политиката на грчката влада како „речиси незадоволителна“. Постоеле „големи сомневања“ во способноста на грчката влада да ги спроведе нужните реформи. Портпарол на Бундесбанката денеска (11.08) не сакаше да го коментира извештајот на „Шпигел“.

Поранешниот директор на истражувачкиот центар на ЕЦБ, Марсел Фрачер, кој во меѓувреме раководи со Германскиот институт за стопанско истражувања (DIW), според поранешни искази, очекува репрограмирање на долгот на Грција за да се растовари земјата.

Германската влада досега повеќепати одби ново бришење на долговите за Грција.