1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бум на светската економија – Германија заостанува

Светската економија е во нагорна линија, а Германија останува само посматрач. Ова произлегува од најновата прогноза за растежот на Меѓународниот монетарен фонд.

Додека светскиот пораст годинава ќе достигне 4,9 проценти при што американскиот ќе изнесува колку лани: 3,4 проценти, Германија со 1,3 и Италија со 1,2 остануваат на опашката меѓу индустриските земји, се вели во пролетната прогноза на ММФ.

Вообичаено воздржаниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Рагурам Раџан беше одушевен сооптшувајќи ја пролетната прогноза. Оправдано е да се каже дека на светот одамна не му одело толку добро, изјави Раџан претставувајќи ја прогнозата. За оваа година Фондот предвидува плус од 4,9 насто што е половина процент подобро отколку што се предвидуваше пред шест месеци. Стапките на инфлација во целиот свет се под контрола, во САД се надминати последиците што ги предизвикаа катастрофалните урагани посебно врз цените на нафтата, а во Европа и Јапонија конечно има сигнали за зголемување на економскиот растеж, а што Раџан изјави:

„Овие сигнали за подобра рамнотежа се посебно добредојдени„. Тој истовремено ги предупреди финансиските политичари да не се занесуваат премногу, посебно поради итно потребното намалување на државните долгови:

„Место да ги намалуваат долговите, политичарите во целиот свет се концентрираат врз други цели. На пример, врз наводно нефер конкуренцијата од странство или врз имигрантите кои работат за премали плати. Тие се надеваат дека на таков начин ќе можат да се соочат со предизвиците на глобализацијата. Се губи драгоцено време, а реформите се одлагаат за наводно подобри времиња„.

Ова е предупредување до САД, но и на адреса на Европа која се уште заостанува со структурните реформи. На Фондот грижи му задава состојбата во Германија каде што стопанството и натаму е зад трендовите во зоната на еврото. Конјунктурната прогноза за оваа година е на мали 1,3 проценти, што е само за 0,4 поени подобро од лани. Само уште Италија има полоши показатели. Раџан вели:

„На Германија и е потребна поголема флексибилност на пазарот за работа. Воопшто не е можно во денешно време луѓето да добиваат доживотно работно место. И платите мораат занчително повеќе да се диференцираат. Ваквите реформи во никој случај не се надвор германските можности„.

Уште еден проблем за германското стопанство: слабата домашна побарувачка која може во идната година, поради зголемувањето на данокот на додадена вредност, да го зголеми очекуваниот пораст,

но само за еден процент. Цела Европа многу зависи и од зголемениот извоз во остатокот од светот, но, предупредува Раџан, тоа е голем ризик во случај на надворешни шокови како растечката цена на нафтата или евентуално пресилното евро.