1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бум на кривични дела на интернет

Утврдените штети преку деликти направени во интернет само во Германија се покачени за една третина. На рака на наглиот пораст му одат пред се’ мобилните уреди како смартфоните и социјалните мрежи како Фејсбук.

default

Претседателот на БКА, Јерг Цирке

Сојузната криминалистичка служба - БКА лани во Германија регистрира околу 60 илјади случаи на измама преку интернет, што е скок од речиси 20 проценти. Штетата за една година нарасна од 37 милиони евра во 2009, на 61,5 милиони лани. Тоа се само „светлите“ бројки; „темното“ поле на сајбер-криминалот, според проценката на Јерг Цирке, претседател на БКА, е најмалку двојно поголемо.

Најострото оружје на сајбер-криминалците се таканаречените „бот“-мрежи, масовно поврзување на далечински управувани компјутери, инфицирани со „шад“-програми, без нивните сопственици да имаат каков било поим за тоа. Јерг Цирке спомнува дека до 700.000 компјутери секојдневно криминалците ставаат под своја контрола за одредена цел.

Symbolbild Iran Cyberattacke Virus Wurm

„Тие ’бот‘-мрежи тогаш напаѓаат сервери на властите, на големи претпријатија или на мали фирми. Сајбер-криминалците сакаат да блокираат пристап во интернет, за да изнудат пари, да ограничат можност за дејствување на властите или и да вршат политички притисок. Примерот на Естонија од пред неколку години покажа дека и држави се цел на напади“, вели Цирке.

И властите загрозени

Во 2007 година хакери ги парализираа веб-страниците на владата, партиите, медиумите и стопанските претпријатија во оваа балтичка земја. Една банка мораше два дена да го прекине меѓународниот платен промет. Запрена беше исплатата на сметки и плати.

Во Германија нема напади од такви размери, па сепак експертите се во состојба на аларм како никогаш досега. На пример, таканаречениот „фишинг“ кај вршењето банкарски работи преку интернет е зголемен за 82 процента. Притоа сторителите со фалсификувани мејлови или манипулирани програми си обезбедуваат пристап до банкарските податоци на граѓаните.

Cybercrime in Deutschland Jörg Ziercke und Dieter Kempf am 30.06.2011in Berlin

Јерг Цирке и претседателот на Битком, Дитер Кемпф

„Секогаш кога големите банки ќе воведат нова технологија, опаѓа бројот напади во онлајн-бенкинг. Се чини дека се создава ефект на прилагодување на корисниците, а криминалците располагаат со нови сознанија. И потоа повторно расте криминалот“, забележува Дитер Кемпф, претседател на Битком - Сојузното здружение на информационото стопанство, телекомуникациите и новите медиуми.

Посебна улога на смартфонот

Сторителите, кои дејствуваат меѓународно, се чини дека профитираат од безгрижноста на многумина корисници на интернет и од се’ поголемата раширеност на мобилните уреди во светот. Според Битком, 85 проценти од испитаниците се чувствуваат загрозени во интернет, но само секој четврти сопственик на смартфон располага со антивирусна заштита и дури секој петти со „фајервол“ за заштита од несакани пристапи до неговиот апарат, се чуди Јерг Цирке, челникот на БКА.

Symbolbild Internet Spionage Kriminalität Cyberangriffe

Тој смета дека е безусловно потребно систематски да се меморираат таканаречените ИП-адреси (ај-пи) на компјутерите, за да им се влезе на трагата на криминалците, но, вели, за жал во Германија тоа не е дозволено.

Претседателот на Битком смета дека опасноста е помалку драматична. Интернет-стопанството и провајдерите од областа на комуникациите заеднички стартуваа иницијатива против „бот“-мрежата: кога ќе наидат на индиции за загрозен приватен компјутер, веднаш го информираат корисникот.

„Нему му се укажува дека има веб-страница за дезинфекција на неговиот компјутер, како и хотлајн. Ние уште не знаеме точно колку е ефективна оваа наша понуда. Резултати ќе има дури наесен. Но, од меѓубилансот знаеме дека ова доведе до значително прочистување. Германија, за среќа, го загуби првото место во меѓународна конкуренција според бројот на нападнати ’бот‘-мрежи“, вели Дитер Кемпф.

Во иднина политиката, органите на кривичен прогон и стопанството имаат намера уште поинтензивно да ги здружат силите против интернет-криминалот. Централна функција притоа би можел да преземе Националниот центар за сајбер-одбрана, што официјално беше отворен кон средината на минатиот месец (јуни 2011) во Бон.

Автор: Марсел Фирстенау / Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски