1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Бум на електронската книга и самоиздаваштвото

Франкфуртскиот саем на книгата годинава беше преголем залак за традиционалистите во книгоиздателството. Дури ни најтврдокорните меѓу нив не можеа да замижат пред растечкиот тренд- дигитално наместо печатено.

На Јонас Винер не му требаат книжарници и издавач. Тој самиот си ги прави своите електронски книги и ги продава во интернет. Серијата трилери „Готски Берлин“ со недели беше на врвот на топ-листите, за една година 100 илјади продадени книги, метеорски успех овозможен со програма за самоиздателство.

„Ми требаа, да речеме, приближно три недели за да ја дефинирам насловната страна, да излезам на крај со сите тие софтвери, правилно да ја уредам книгата, со пасусите како што треба да бидат. Мораш прво да се снајдеш со таа техника, но сиот материјал го има бесплатно во интернет. Значи, не мораш да организираш цела лабораторија“, вели Јонас Винер, писател, издавач на електронски книги.

Традиционално книгоиздателство не може да дејствува толку брзо и евтино - вклучени се премногу луѓе, трошоците се превисоки и за авторите остануваат премалку пари, ако воопшто им биде издадена книга.

„Мора да се совлада еден праг, за да се стигне во јавноста. Тој праг или таа порта ја контролираат книгоиздателствата, кои велат кој смее, а кој не. Сега, со идејата за електронска книга, се добива можност самиот да излезеш пред јавноста и не мораш никого да прашаш дали смееш или не“, вели Јонас Винер.

Секој самоиздавач, се разбира, не е и добар автор, но вака пазарот го оценува тоа, а не книгоиздателство. Електронската книга доживува бум и во Германија. Независните самоиздавачи во интернет предизвикаа добар хаос кај книгоиздателствата и уметничките агенти.

„Тоа се забележува и преку немирот што ги зафати издателствата, книжарниците и авторите, кои не знаат како да се однесуваат со тој феномен. Ние, агентите, мораме, така да се каже, на сите да им објаснуваме како ние ќе постапуваме“, вели Михаел Гаеб, литературен агент.

Некои го користат феноменот во своја полза. По успехот на е-книгата на Јонас Винер, издателството „Дремер и Кнаур“ потпиша договор со него. Новиот криминален роман „Архитект“ е негова втора книга во конвенционална форма кај реномираното книгоиздателство. За Винер е-книгите првенствено беа бизнис-идеја; тој не се откажува и од класичната книга.

„Сега има електронска книга, но класичната е толку генијално, прастаро медиумско откритие, што нема одненадеж да исчезне. Во секој случај, електронската книга по малку ќе ја загрози традиционалната“, вели писателот Јонас Винер.

E-Reader auf der Frankfurter Buchmesse 2008, präsentiert am Stand Books & Bytes in Halle 3.0

За да не се случи тоа, книгоиздателствата позасилено се вртат кон својот профил и кон она што подобро умеат, на пример врзување на читателите со презентации на книги и литературни читања.

Самоиздавачите не можат да си дозволат такви големи промотивни приредби, ниту професионален лекторат. Карстен Зомерфелд од книгоиздателството „Дремер Кнаур“ истакнува: „Во иднина сигурно ќе има сосем различни начини на издавање книги. Од конвенционалните издавачи тоа ќе бара посилно да се позиционираат и на авторите да им нудат повеќе услуги“.

Услуги во однос на обете форми - хартиената и електронската книга. Книгоиздателствата веќе и го прават тоа. А и самоиздавачите и интернет-фриковите сосем прагматично гледаат на електронските платформи.

„Се’ уште ми изгледа, барем на германскиот пазар на книги, како самоиздаваштвото да е само дополнително средство за книгите да го најдат патот до јавноста“, вели Саша Лобо, интернет-писател.

Токму тоа му успеа на Јонас Винер. Неговите книги сега се пласирани во јавноста, како печатени или како електронски - благодарение на самоиздаваштвото.