1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарските интелектуалци во линија со државниот врв

Мнозинството бугарски интелектуалци, дипломати и поранешни политичари ја поддржуваат одлуката на Софија да го услови добивањето датум за преговори за Македонија со ЕУ.

Генерален консензус меѓу бугарските интелектуалци е дека блокадата во ЕУ на Македонија е исправна одлука на тамошните власти, кои на тој начин сакаат да влијаат на поевропско однесување на Скопје. Поранешниот шеф на кабинетот на бугарскиот претседател Жељу Жељев, а подоцна и вицепремиер, Ивајло Трифонов за ДВ вели дека „се’ додека Македонија не престане со антибугарска пропаганда, фалсификување на историјата, кражба на бугарските историски и културни артефакти и не престане да ги малтретира оние кои се чувствуваат како Бугари во таа земја, Бугарија нема да даде поддршка за почеток на преговори“. Трифонов смета дека не е потребен дијалог меѓу двете земји, затоа што Бугарија нема никакви историски гревови кон Македонија.

Професорот по историја, Крсто Манчев, пак, смета дека односите меѓу двете земји треба да се уредуваат врз призмата на нормална, човечка логика, а не врз призмата на национализмот и историските проблеми. Манчев смета дека Бугарија треба да се засрами и да се откаже од делови од своето историско минато, наместо истото да го слави. Истото се однесува и на Македонија и на другите балкански држави.

„Ние не можеме во 21 век да говориме дека сме ја ослободиле Македонија со помош на Хитлер. Ве молам, Хитлер и ослободување не одат во иста реченица“, вели Манчев.

Поранешниот пратеник и дипломат, Јани Милчаков очекува дека по блокадата во Софија, во Македонија ќе се засилат антиевропскиот и антибугарскиот сентимент, и меѓу политичарите и во општеството во целина. Понатаму, Милчаков прогнозира дека македонското државно раководство би можело повторно да влета во некоја авантура како „тајванската“ од 1998 година. Милчаков смета дека иницијативата на Софија за заедничко одбележување на историски личности и настани е добра, но тешко изводлива.

„Тоа претпоставува промена на целата историографска база во Република Македонија, што е многу тешко остварливо“, вели Милчаков. Тој оценува дека со постојните меѓусебни стереотипи, Бугарија и Македонија не можат да градат нормални односи. Иако не очекува дека двете земји ќе успеат да изработат заеднички учебник по историја, најмалку што може да се стори е да се расчистат црните точки од минатото, вели Милчаков.

Историчарот Наум Кајчев, поранешен генерален конзул на Бугарија во Битола, потсетува дека поранешните премиери Бучковски и Станишев во 2006. година веќе постигнаа договор за заедничко одбележување на некои историски настани, но договорот подоцна беше остро нападнат во македонската јавност.

„Оттука позицијата на Софија не треба да биде изненадување и таа има длабока логика во историскиот контекст на меѓусебните односи“, вели Кајчев.