1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бугарскиот пасош „виза“ за европска работа

Во податокот дека околу 50.000 Македонци досега добиле бугарско државјанство, македонските политичари гледаат само привремен, економски феномен.

default

Визната либерализација не ја намали потрагата на Македонците по европски пасоши. Интересот се зголеми откако Бугарија стана членка на ЕУ, па голем број Македонци се обидуваат преку Софија да си обезбедат пат до европската иднина. „Денес околу 50.000 Македонци имаат бугарско државјанство", изјави бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Младенов, во интервју за весникот „24 часа". Растечкиот тренд го потврдува и бугарското Министерство за правда. Според нивните податоци, половина од странците кои добиле бугарско државјанство од 2007 година досега се - Македонци. Од почетокот на 2012 година биле поднесени 9.368 молби од Македонци, а од нив 6.366 добиле бугарско државјанство.

Пасошот не е тефтерче

Кулминацијата на тој план била постигната во претходните две години.

„Во 2011 бугарско државјанство добија над 11.000 Македонци, а во 2010 година 10.500", изјави за бугарската државна агенција БТА, директорката на дирекцијата „Бугарско државјанство" во ресорот правда, Катја Матева. Според неа, Македонците што аплицираат за бугарско државјанство главно поседуваат уверение за бугарско потекло од Државната агенција за Бугарите во странство, со што се олеснува постапката на одлучување. Големиот интерес се објаснува и со фактот дека Македонија е соседна држава.

Тоа само докажува колку многу луѓе во Македонија имаат семејни врски со Бугарија, оценува шефот на бугарската дипломатија.

„Но, ние треба да се однесуваме поофицијално кон доделувањето на бугарското државјанство. Треба да има специјална церемонија за тоа, бидејќи сега некои луѓе пасошот си го добиваат по пошта. А пасошот не е само тефтерче. Веќе разговарав со претседателот Росен Плевнелиев и ќе иницирам измени во законот, како за ова, така и за можноста да се одзема бугарското државјанство, бидејќи има луѓе кои го злоупотребуваат", најави министерот Младенов.

Неодамна стапија во сила измени во Законот за бугарско државјанство, според кои, сите апликанти за бугарски пасош ќе мора да полагаат испит за познавање на бугарскиот јазик. Неизвесно е дали тоа ќе го запре бранот од Македонија.

Економски феномен

Македонските власти немаат точни податоци колку македонски граѓани имаат и бугарско државјанство, бидејќи повеќето од нив не пријавуваат двојно државјанство. Нивниот број не може да се утврди точно ни според бројот на излегувања и влегувања во државата, бидејќи може да користат два пасоша. Визната либерализација не може да го запре овој процес, вели бившиот министер за надворешни работи, Љубомир Фрчкоски.

„Еден аспект е шетањето, а друг - барањето работа во ЕУ. Ако се загрозени стабилноста и извесноста на политиката која треба да дава јасни перспективи за Македонија, тогаш не е чудно што тие слабости се пополнуваат со обиди да се најде егзистенција на друго место", вели Фрчкоски.

И според поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, феноменот „бугарски пасоши" е исклучиво од економска природа.

„Се' до визната либерализација, за многумина добивањето бугарски пасош значеше излез од визното гето. Но, со влезот на Бугарија во ЕУ и со укинувањето не времените бариери за слободно движење на бугарските работници во Европа, бугарскиот пасош значи и слобода за вработување во земји на ЕУ. Тој е привлечен за Македонците кои бараат работа за која не се потребни квалификации и познавање на јазик. Ова е само привремен феномен, без политички, културни и други импликации", оценува Боцевски.

Според него, кога ќе завршат сите премрежја со македонските евроинтеграции, феноменот ќе остане интересен за проuчување од идните докторанти по социологија, економија и психологија.

Според податоците од Светска банка, 447.000 македонски граѓани се иселени од Македонија заклучно со 2010 година. Тоа е дури 21,9% од вкупното население во Македонија, со што земјата е рангирана на 23 место во групата земји во светот од кои граѓаните најмногу се иселуваат.