1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Бугарската полиција ги ослободи пратениците

Полицијата во Бугарија ја скрши блокадата на парламентот извршена од демонстрантите и ги засолни на безбедно министрите и пратениците, кои беа држани во зградата. Протестите во земјата достигнуваат кулминација.

Во акцијата на полицијата да ја прекине блокадата на парламентот и да ги ослободи министрите и парламентарците кои се наоѓаа во зградата, дојде до судири со демонстрантите. Според лекарските извештаи, повредени се најмалку девет лица, меѓу кои двајца полицајци. Извикувајќи „Мафија“ и „Оставка“, противниците на Владата која ја водат социјалистите, фрлале пластични шишиња и други предмети врз добро обезбедуваниот автобус, со кој пратениците требало да заминат од Собранието, каде дебатираа за ребалансот на буџетот.

Во парламентарната зграда беа блокирани министерот за економија и енергетика Драгомир Стојнев, министерот за финансии Петар Чобанов, и министерот за труд и социјална политика Хасан Адемов. Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев апелираше синоќа за смирување на ситуацијата и избегнување на провокации.

Демонстрантите синоќа, 40-ти ден по ред се собраа во центарот на Софија во знак на протест поради корупцијата и сиромаштијата, повикувајќи ја владата на премиерот Пламен Орешарски предводена од социјалистите, да поднесе оставка. Во меѓувреме, приврзаници на владата одржаа контрапротести пред Националната палата на културата, а најавија дека на 25 јули ќе се соберат пред германската амбасада, а на 26 јули пред американската. Бугарија доби нова влада по предвремените избори кои се одржаа на 12 мај, откако претходниот кабниет поднесе оставка по протестите против острите мерки за штедење.

Поставувањето на контроверзниот медиумски магнат Делјан Пеевски, на чело на Националната агенција за безбедност ја разгневи јавноста и доведе до протести, кои од 14 јуни досега секојдневно се организираат.

Bulgarien / Sofia / Protest gegen Regierung

Протестите против владата траат со недели

Одлуката за именување на Пеевски веднаш е поништена, но демонстрантите и натаму ја обвинуваат владата дека е искорумпирана и бараат да поднесе оставка.

Кризата во Бугарија ја алармира и ЕУ. При посетата во Софија, еврокомесарката за правда Вивиан Рединг завчера повика на политички дијалог.

„Запрете ги политичките кавги“, апелираше заменичката претседател на Европската комисија до двете најголеми партии, Социјалистите и ГЕРБ. Истовремено Рединг ги поддржа демонстрантите: „Можете да сметате на нас. Ние ќе ја принудиме владата на вистинска борба против корупцијата“, рече еврокомесарката. Европската комисија го контролира напредокот на Бугарија во спроведувањето на реформите во судството и борбата против организираниот криминал и корупцијата по приемот на земјата во ЕУ од 2007 година. Мониторингот ќе продолжи се‘ додека е потребно, најави Рединг.