1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Бугарската влада меѓу желбите и реалноста

Бугарскиот парламент ја избра новата влада, на чие чело стои непартискиот финансиски експерт Пламен Орешарски. Неговата експертска влада е поддржана од социјалистите и турското малцинство.

Тоа беше тешко пораѓање, зашто предвремените избори на 12 мај не донесоа јасен распоред на политичките сили во Бугарија. Десноконзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија, ГЕРБ, која дотогаш владееше сама, ги освои мнозинството места во парламентот, но не и доволно за состав на влада, а не најде коалициски партнер. Втората по сила партија, Социјалистите и партијата на турското малцинство ДПС заедно освоија 120 пратенички места, точно половина. За да формираат влада, им требаше само уште еден глас, кого го добија од четвртата по сила партија, популистичката и антиевропска АТАКА.

Но, сега постои нова влада, а нејзините први пораки одат јасно во правец на Европа. Од еднастрана се планира повторно воспоставување на политичката стабилност по немирите во минатата зима и продолжување на строгиот курс на штедење. Премиерот Пламен Орешарски, докажан финансиски стручњак, и неговиот министер за финансии Петер Чобанов, се залагаат за финансиска стабилност, која Бугарија во однос на државната задолженост ја направи за пример во ЕУ.

Порака кон Европа

Од другастрана, новата влада полага посебна вредност на реформата во судството и траспарентност во трошењето на парите од ЕУ. Јасен сигнал во овој правец е персоналното решение на функцијата министер за правда, вели политичкиот аналитичар Даниел Смилов:

Plamen Oresharski Kandidat Premierminister Bulgarien

Пламен Орешарски пред тешки задачи

„Тоа што поранешната шефица на претставништвото на ЕУ во Софија, Зинаида Златанова, е избрана за вицепремиер и министер за правда, надлежна за ЕУ-фондовите, е сигурно дека Бугарија ќе го задржи ангажманот кон ЕУ и подобро ќе стопанисува со парите од Унијата“.

Непартиската Златанова првенствено ќе се грижи за правната држава. Зашто, токму проблемите во судството и големата корупција ја поведоа ЕК и натаму да ги стави Бугарија и Романија под мониторинг. Меѓу другото, се работи за политичко влијание врз работата на државното обвинителство и судиите, за непостоење тендери, матни зделки со државен и комунален имот и нетранспарентна распределба на парите од ЕУ. Тука спаѓа и скандалот со прислушување, чие расчистување се навестува. Обвинителството имено уште пред изборите од 12 мај најави дека располага со доволен доказен материјал дека поранешниот министер за надворешни работи од ГЕРБ; Цветан Цветанов, прислушувал политичари во широк обем. Ако тоа се докаже, ќе следи обвинение како против Цветанов, така и против екс-премиерот Бојко Борисов.

Некои набљудувачи се скептични околу ова и стравуваат од акт на одмазда кон поранешните властодржци. Политикологот и социолог Парван Симеонов од Софија предупредува дека многу поважно е дали сегашната влада ќе ги употреби силите на продолжување на реформите и на непопуларните мерки.

Зависни од поддршката на популистите

А најдоцна на ова прашање Орешарски ќе се судри со популистичката партија АТАКА. За време на протестите поради високите цени на енергијата на почетокот на годината, дотогаш десноекстремистичката партија многу брзо се придвижи во лево, па сега не настапува непријателски кон странците, антисемитски и антимуслимански, туку како противник на глобализацијата и заштитник на сиромашните. АТАКА, која е застапена и во ЕУ-парламентот, за големите европски партии во Брисел и Стразбур важи како „недопирлива“.

Тоа е најголемата дилема на шефот на Социјалистите, Сергеј Станишев, кој истовремено е и претседател на европските социјалисти. Меѓу другото, токму поради тоа тој не го презеде лично формирањето влада, во надеж веројатно дека надпартискиот Орешарски ќе добие премолчена поддршка од АТАКА. Даниел Смилов меѓутоа истакнува дека де факто се работи за коалиција на БСП и ДПС, поддржана од АТАКА. Оваа партија е во двојна улога, „парламентарна и дури владејачка партија, но истовремено противсистемска формација и уништувач на парламентаризмот“.

Bulgarien Bojko Borissow

Екс-премиерот Бојко Борисов остави тешко „наследство“

Противречни цели

Новата бугарска влада, составена од експерти, не може да смета на стабилна политичка поддршка во парламентот. Самиот тој факт го прави тешко владеењето во Бугарија. Но, уште покомплицирано ќе биде ако се обиде да ги реализира сите најави. Зашто, тие делумно се противречни.

Зашто, владата сака да штеди и да ги стабилизира финансиите, но истовремено најави повторна индустријализација на земјата и сузбивање на невработеноста. Или, планира намалување на цените на енергијата, но истовремено сака да ги отвори широко вратите за руските енергетски интереси во Бугарија и да го заживее спорниот проект за втората нуклеарка Белене, без оглед на задршките кај народот и во Брисел.

Социологот Васил Гарнизов верува дека противречноста е во природата на оваа влада: „Таа не е коалициона влада, не е партиска, не е позиционирана лево, туку повеќе во центарот, но е отворена за многу десни политички опции“.

И покрај некои претпоставки, владата не е проруски ориентирана, туку следи свој сопствен јасен проевропски курс, пред се‘ преку поранешната ЕУ-претставничка Зинаида Златанова.

„Затоа, владата не е толку лоша, колку што можеше да биде, ниту толку добра колку што очекуваа многумина“, вели Гарнизов.