1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Бугарки си ги продаваат децата во Грција

Безнадежна сиромаштија на едната, неисполнета желба за деца на другата страна од границата. Некогаш доброволно, некогаш Ромки се принудени против своја волја да раѓаат деца за мафијата што тргува со бебиња.

default

Децата на Донка не носат ни чевли, ниту долен веш, туку само една јакничка. Донка ја среќаваме во нејзиното живеалиште од една соба, на маргините на Бургас, во сиромашна ромска населба. Донка има пет деца.

„Сите тие се од надвор“, вели 22-годишната мајка, што треба да значи дека децата ги добила проституирајќи се долу во пристаништато.

Росица Јанева во Бургас води очајничка борба против трговијата со луѓе. Во ромското маало наводно секоја втора мајка веќе има продадено свое бебе.

„Сите во маалово продаваат. Да сакав, можев и јас да продадам, па ќе можев да си ја бојадисам куќава. Но, не сакам да продавам“, вели Донка Трајанова.

Прашавме, дали многу жени си ги продаваат децата за да го реновираат живеалиштето?

„Ама секако, многу од маалово одат во Грција и таму си ги продаваат децата“.

Штом бременоста станува видлива, посредниците вршат притисок врз жените. Некои продаваат доброволно, некои се принудени на тоа од страна на роднините. Неодамна во Бургас беа уапсени тројца мажи поради трговија со бебиња.

„Луѓето овде се целосно потиснати на маргините. Се чувствуваат од државата оставени на цедило, а мораат било како да дојдат до пари. Еден од начините е продажба на сопствените деца“, вели Росица Јанева од Комисијата за човекови права на Бугарија.

„Во соседна Грција нудат и до 30 илјади евра за едно новороденче“, убедливо тврди една жена.

Галина Лилова, која веќе продала две бебиња, повторно е бремена - и пак ќе продаде:

„Првиот пат ми ветија три или пет илјади евра, а испаднаа само две ипол илјади. Со парите ја реновирав куќичката“.

Во осмиот месец од бременоста таа планира да оди во Грција и да се сретне со посредник. Грчката двојка, што ќе го купи детето, нема никогаш да ја види.

„Луѓето во Грција не ги познавам. Тие сите зборуваат грчки. Ќе ме однесат кај приватни лекари.“

„Како знаеш што треба да правиш?“

„Седнувам и чекам. Кога доаѓа времето, ми даваат инјекција, го раѓам бебето и потоа ќе ме измамат за парите. Така одат работите“, малку резигнирано раскажува Галина.

„Те плаќаат веднаш в болница?“

„Не, ме носат надвор, во некој стан. Таму ги добивам парите“.

Правни парадокси

Во Грција дознаваме дека за разлика од Германија, е можно легално адоптирање на два начина - државно, преку институција за посредување, и приватно. Кај приватното посвојување исклучиво мајката определува кој ќе го посвои нејзиното дете. Судијата не може и не мора да проверува дали таа ќе прими пари за тоа.

Kinderhandel in Transkarpatien

Димитрис Везиракис, директор на дом за сирачиња во Атина, раскажува дека кај него секоја година се пријавуваат 200 двојки со желба да посвојат дете. Најголемиот дел од нив сакаат перфектно, здраво бебе. Потребата е голема и не може да биде задоволена. Посвојување преку домот трае најмалку 4 до 5 години; приватното оди побргу и тоа го користат трговците со бебиња: неколку илјади евра во вистински раце - и веќе станувате мама и тато на некое туѓо дете:

„Некои двојки доаѓаат во контакт со посредници и за пари добиваат деца, тоа го има. Од друга страна, законот овозможува приватно посвојување. Сите експерти се согласни дека приватното посвојување кај нас треба да биде укинато“.

И шефот на полицијата Георгис Ваникиотис чека да се промени законот. Се’ додека е дозволено приватно посвојување, трговијата со бебиња во Грција останува доходовен бизнис:

„Имаме случаи жени да родиле по четири-пет пати. Тие постојано доаѓаат во Грција и ги продаваат децата. Во меѓувреме тоа го прават како да им е професионално занимање“.

Трговијата со деца ретко се открива, вели Георгис Ајакос од полицијата во Лариса. Ако мајките не се принудени да ги продаваат, полицијата не добива пријави и не може да преземе мерки.

Како се купува дете?

Побаравме грчки двојки кои сакаат да посвојат дете. Како се купува дете? На еден од грчките острови го бараме Костас, трговец со гуми. За него и сопругата купувањето беше последна шанса, откако со години залудно се обидуваа да добијат сопствено дете. Костас не сакаше да го снимаме. Сега, на речиси 50-годишна возраст, очајот ги одведе во рацете на мафијата со бебиња.

Spanien Babyhandel

Во болницата во Лариса во меѓувреме будно реагираат кога самохрана Бугарка, која ни не разбира грчки, се породува кај нив. Најмалку еднаш месечно Елени Дела се јавува во полицијата. Но, веќе ни тоа не е доволно.

„Организаторите на трговијата со бебиња, брзо учат. Тие знаат дека јавна болница, како нашава, ја информира полицијата. Сигурна сум дека тие што сакаат да продаваат деца, во меѓувреме сосем непречено одат во приватни клиники“.

Безнадежна сиромаштија на едната, неисполнета желба за деца на другата страна од границата. За да заработи пари, Донка се проституира во пристаништето. Секогаш може повторно да забремени. Таа уште вели дека не би продала свое дете, но во меѓувреме се множат случаи Ромки да бидат принудени против своја волја да раѓаат деца за мафијата што тргува со бебиња.