1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарка на чело на УНЕСКО

Извршниот совет на УНЕСКО неочекувано ја избра Бугарката Ирина Бокова за Генерален директор на УНЕСКО, наспроти фаворитот-контраверзниот египетски министер за култура Фарук Хосни.

default

Ирина Бокова

Во последниот петти круг од гласањето, Бугарката Ирина Георгиева Бокова е избрана за нов Генерален директор на УНЕСКО, организацијата на Обединетите Нации задолжена за културата, науката, образованието и наследството. Таа доби 31 глас, додека фаворитот, 71 годишниот египетски министер за култура Фарук Хосни освои 27 гласови. Ирина Бокова ќе биде прва жена која ќе раководи со УНЕСКО.

„Сакам да го поздравувам Фарук Хосни, министерот за култура на Египет, за кој чувствувам многу пријателство и многу почит, како и за сите други кандидати,“ беше нејзината прва изјава по неизвесното гласање. Таа нагласи дека изборот не го смета за војна или битка на едни против други. Својата програма ја стави под знакот на „новиот хуманизам за 21 век“.

Хосни со етикета на антисемитизам

Поддавањето на рака кон муслиманскиот свет од страна на новата директорка на УНЕСКО не е случајно, Фарук Хосни беше поддржан од Африкансата Унија и Арапската лига, тој важеше за фаворит. Но неговите изјави дека сака да ги изгори книгите на еврејски јазик во египетските библиотеки, дадена пред една година, му ја залепија етикетата за антисемитизам.

Faruk Husni / UNESCO

Фарук Хосни

Невладините организации, како „Репортери без граници“, го обвинуваа дека е виновен и за недоволната слобода на печатот во Египет. За да се оправда, тој тврдеше дека неговите изјави биле извадени од контекстот и ги обнови синагогите во Египет. Но неговите извинувања очигледно не беа доволни, затоа и горчината во Каиро, кој сметаше дека местотот во Париз му е гарантирано. Во оваа полемика европските престолнини официјално не зазедоа позиција, но по повлекувањето на Бенита Фереро Валднер по третиот круг на гласање, јасно беше дека тие застануваат зад европската кандидатура.

Од комунистка до убедена Европејка

Педесет и седум годишната Ирина Бокова е актуелен амбасадор на Бугарија во Франција, Монако и УНЕСКО, поранешна комунистка и дипломат од кариера, таа е убедена приврзаничка на европската идеја. Таа во Париз е испратена како кадар на бугарската социјалистичка партија, сега во опозиција, во која е една од нејзините најпопуларни членови. Нејзиниот татко, Георги Боков, беше главен уредник на пранешниот орган на комунистичката партија на Бугарија „Работническо дело“, и како што на времето се практикуваше за „добро ситуираната“ младина, Ирина студираше во Москва на државниот институтот за меѓународни односи. Како и многу припадници на младата комунистичка номенклатура, таа се усовршува пред и по падот на комунизмот во 1989 година во САД, на Универзитетот во Мариланд и Харварад и студира економија на владината школа Џон Ф. Кенеди.

Ирина Бокова беше вице-премиер на бугарската влада и координатор на односите со ЕУ од 1995 до 1997, пред да стане за неколку месеци шеф на бугарската дипломатија од ноември 1996 до февруари 1997. Со овие функции, таа беше една од пионерите на бугарското членство во Европската унија во 2007.

Таа беше кандидат за вице-претседател на Бугарија зад Иван Мазов, поразен од кандидатот на десницата, Петар Стојанов.

Ирина Бокова на два пати беше избрана за пратеничка, од 1990 до 1991 и од 2001 до 2005, кога беше вице- претседател на Комисијата за надворешна политика и член на Комисијата за европска интеграција.

Од 2007 таа е постојан претставник на Бугарија во УНЕСКО.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска