1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бугарија ја поддржува Македонија, ама со договор за добрососедство

Неформалната меѓувладина миниседница во пограничниот бугарски град Ќустендил е значаен придонес за унапредување на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија, оценија премиерите Никола Груевски и Пламен Орешарски.

„Би сакал да потцртам дека Бугарија го поддржува членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ, како и на сите други држави од Западниот Балкан. Се држам до договорот за добрососедство и разбирање и се надеваме дека работата околу него ќе продолжи со засилено темпо“, рече бугарскиот премиер Пламен Орешарски.

Gemeinsame Sitzung der mazedonischen und bulgarischen Regierungen

Денешните средби се подготовка за одржување на официјална меѓувладина седница

Тој нагласи и дека разликите на политички план не би требале да бидат пречка за развој на заемните економски и трговски односи, како и за подобрување на инфраструктурата.

„Му нагласив на премиерот дека за пеглање на постојните разлики би било добро да организираме заеднички чествувања на одделни историски настани и личности, кои се интерпретираат на различен начин во двете земји“, додаде бугарскиот премиер.

Македонскиот премиер Никола Груевски изрази задоволство од средбите, кои како што оцени минале во „пријателска и конструктивна атмосфера“. Според Груевски тие се придонес за добрососедските односи меѓу двете земји, од кои можат да произлезат проекти, идеи и решенија кои ќе ја подобрат иднината. Груевски рече дека било разговарано за поголема ангажираност и соработка во трговската размена и инвестициите, а било разговарано и за железничка поврзаност со Бугарија, како и за енергетската и патна инфраструктура. Тој изрази надеж дека ваквите средби и директната комуникација на високо ниво ќе продолжат да бидат пракса во соработката меѓу Македонија и Бугарија.

Proteste in der bulgarischen Stadt Kjustendil

„Македонија е бугарска“, стоеше и на паролите на демонстрантите во Ќустендил

„Се надевам дека заедничкиот дијалог ќе биде константен и дека ќе бележиме нагорен и конструктивен тренд во односите што ќе претставува силен импулс за јанкење на заемната доверба и почитување и за градење на заедничка европска и евроатлантска иднина на нашите две земји од која корист ќе имаат граѓаните и регионот во целина“, порача Груевски.

Бугарската агенција БТА забележа дека македонската владина делегација доцнела еден час на закажаната меѓувладина седница. За време на одржувањето на средбите и прес-конференцијата во зградана на општина Ќустендил, на плоштадот пред неа се одржа протест на група од 10-тина припадници на партијата ВМРО на Красимир Каракачанов, кои истакнаа антимакедонски пароли. Како што јавува агенцијата БТА, демонстрантите извикувале: „И порано и сега, Македонија е бугарска“.

Оваа неформална заедничка мини владина седица на владите на Македонија и на Бугарија е подготовка за официјалната заедничка меѓувладина седница, која треба да се одржи до крајот на годинава.

Македонија на почетокот од јуни одржа заедничка владина седница со Владата на Србија, а иницијатива за вакви заеднички седници од македонска страна се упатени и до властите во Албанија и во Косово. Целта на овој вид на средби е давање дополнителен импулс за унапредување на односите со државите во регионот.

Поврзана содржина