1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бугарија треба да одговори за третманот на Македонците

Комитетот на министрите, извршниот орган на Советот на Европа, побара од бугарските власти да достават информации за додатните мерки во спроведувањето на четирите пресуди на Европскиот суд за правата на човекот во корист на ОМО Илинден.

Софија должи одредени одговори

Софија должи одредени одговори

Ова барање до властите од Софија доаѓа по последната, петта пресуда на Европскиот суд, донесена на почетокот на годинава во полза на ОМО Илинден, која стана дефинитивна.

Сите случаи се однесуваат на одбивањето на бугарските судови да ги регистрираат здруженијата на Македонското малцинство во Бугарија, како и спречувањето на нивното слободно собирање. Имено во моментов се води уште една процедура во Стразбур за распуштањето на политичката партија ОМО Илинден – Пирин во 2000 година од Бугарскиот уставен суд. Образложенијата на бугарските судови во сите случаи беа исти:- заштита на територијалниот интегритет, јавниот ред или правата и слободите на населението, како и заради острите критики на членовите на здруженијата против бугарските власти.

Европскиот суд за правата на човекот, оцени дека мотивите изнесени од бугарските судски власти, а потоа и од владата на расправата во Стразбур не се доволни за да се забрани регистрацијата на здруженијата, и со тоа да се ограничи правото на здружување и слободно изразување.

Бугарија ќе мора до средината на октомври оваа година, да поднесе план за спроведување на сите пресуди. Досега бугарската влада се задоволуваше со исплаќањето на паричните казни и покривањето на судските трошоци на оштетените страни, како и со објавување на преводот на пресудите на бугарски јазик.

На последниот состанок на Комитетот на министрите на Советот на Европа, побарано е да се добијат што е можно побрзо информации за актуелната ситуација на здружението на македонското малцинство во Бугарија и посебно за можностите за неговата регистрација.

Бугарскиот премиер Сергеј Станишев, пред десетина дена токму во Стразбур, во разговор за Радио Дојче Веле ја повтори позиција на неговата земја: - Не е владата таа која што регистрира.

„Во Бугарија има устав, има независна судска власт која што ги регистрира невладините организации и политичките партии. Секоја од нив треба да одговара на Уставот. И ако ги почитува уставните принципи, не се сомневам дека ќе биде најдено објективно решение.“

Затоа Комитетот на министрите на Советот на Европа, бара објавување и дифузирање на најновата пресуда на Европскиот Суд за правата на човекот до надлежните судови во Бугарија, со што треба да им се дозволи да ги земат во предвид констатациите на Европскиот суд. А исто така да бидат запознати и со нивните обврски кои произлегуваат од Европската конвенција за правата на човекот.

Тони Гламчевски