1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарија со жичена ограда против мигрантите

Бугарија годинава прифати повеќе од 10.000 имигранти - најголем дел сириски бегалци. Капацитетите се преполни, властите почнаа да ги враќаат мигрантите и да градат 30-километарска жичена ограда на границата со Турција.

Георги Гајтанџијев не мора долго да гледа во екранот за повторно да открие бегалци, кои нелегално ја минуваат турско-бугарската граница на познатата балканска рута. Овојпат се петмина. Секој ден по 200 лица овде се обидуваат да дојдат до ЕУ. Најголем дел од нив се од Сирија. Тоа е безопасен земјен пат. Бугарија има 270 километри долга граница со Турција.

Тие не можат вистински да го контролираат пределот, па затоа бугарското Министерство за внатрешни работи предложи тука да се изгради 30-километарска жичена ограда. Вистинскиот граничен премин не е многу оддалечен, но е многу помирен од зелената граница. Турските криумчари ги пренесуваат луѓето за 200 долари од човек. Тоа за нив е пат кон она што тие го сметаат за рај.

Мигрантите одново и одново влегуваат, а полицијата постојано се опремува, но во една од најсиромашните земји во Европа тоа е многу скромно. Во селото Гољам Дервент е како во пусто место - во буквална смисла на зборот. Човек се чувствува како да е некаде на крајот на светот. Таму се наоѓа дел од турско-бугарската граница. Луѓето во пограничните села со години знаат за нелегалните минувања на границата. Бегалската рута не е нешто ново. Новина е големиот пораст на бројките.

„Секогаш сум ги пречекувала - кафе за возрасните, а за децата млеко. На бебињата сум им правела кисело млеко во шише со цуцла, само и само за да им помогнам на децата“, вели Донка Георгиева, жителка на селото Гољам Дервент.

„А, потоа што се случува со нив?“, ја прашуваме жената.

„Потоа и’ се јавуваме на граничната полиција и доаѓаат и ги прибираат“, одговара таа.

Во Бугарија полошо отколку во Сирија

Bulgarien Flüchtlingslager syrische Flüchtlinge

Условите во прифатните центри се многу лоши

Уапсените нелегални минувачи на границата се притвораат во логорот Љубимец, па се дели житото од плевелот, односно сириските воени бегалци од оние чии мотиви не се сосема јасни. Бугарија со тоа ги исполнува правилата на ЕУ.

И привременото сместувалиште во главниот град Софија е како забранета зона. „Воена рампа“ е неговото име. Војската и тука ја води командата, а е поддржана од специјална полиција и приватни лица за обезбедување. Всушност е невозможно да се посети „Воена рампа“, која се најде на насловните страници поради невозможните услови кои владееле тука . Тоа го открија активистите за заштита на човековите права. Во меѓувреме би требало сѐ да е многу подобрено, па затоа и добивме дозвола за снимање.

Но, малку е подобрено - тоа веднаш е јасно. Се среќаваме со Сефад од Дамаск. Осумнаесетгодишниот оженет човек е тука со своето мало семејство. Луѓето се обидуваат со чаршафи да си ја зачуваат приватноста.

„Мојот град во првите две години немаше проблеми, но потоа одеднаш дојдоа луѓето на Осама Бин Ладен. Повеќе не можеше да се види некој од владата. Тие убиваа луѓе за пари. Затоа ние побегнавме. Мојот универзитет во Дамаск имаше потешкотии и јас веќе не можев таму да одам. Насекаде има полиција и сите луѓе на моја возраст се собираат во полиција. Мислев дека во Бугарија е подобро, ама да можам веднаш би се вратил назад, бидејќи тука е како во Сирија - има само проблеми“, вели Сефад.

Stacheldrahtzaun an der Grenze zwischen Türkei und Bulgarien

Ќе ги спречи ли бодликавата жица мигрантите кои преку Бугарија сакаат да влезат во ЕУ?

Бугарија има и обврски и одговорност

Преодниот период трае со недели или месеци. Збиени еден покрај друг тие живеат во поранешно училиште. Одредени радијатори се исклучени, а на топла вода и натаму чекаат. Лекар не гледаме. Луѓето сами си готват. Во една соба има по 50 лица, а има по една или две рингли. Струјата на авантуристички начин ја земаат од ѕидот. Ситуацијата во логорот е комплицирана. Речиси никој не сака да остане во Бугарија, а земјата тоа не би можела да го запре.

Во УНХЦР се беспомошни. Бугарија би морала да ги задржи бегалците, но очигледно е целосно оптоварена организациски, но пред се’ и финансиски. Најавата за изградба на оградата е посебна потврда на сиромаштијата.

„Сметам дека Бугарија би можела да го прави тоа, но Бугарија има одговорност и обврска според меѓународните регулативи, според обрските од ЕУ, да одреди бегалски статус за секое лице кое доаѓа на нејзина територија и бара азил. Така што тоа е одговорност на владата, а на крајот дали луѓето сакаат или не сакаат да останат тука е друга работа. Сметам дека ако луѓето се признаени како бегалци, ќе имаат можност да патуваат во рамките на ЕУ, очигледно под одредени услови“, вели Роланд Франсоа-Вајл од УНХЦР - Бугарија.

Назад на бугарско-турската граница. Како лоша шега и натаму виси едно укажување од поранешните гранични војници: „При влегување и излегување затворајте“. Некогаш тука завршуваше Источниот блок. Бодликавата жица се’ уште е таму. Можеби наскоро повторно ќе биде како тогаш.