1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бугарија не ги исполнува обврските кон ОМО Илинден Пирин

Интервју со Гинтер Дауен директор на Европската Слободна Алијанса – Европска политичка партија во врска со регистрацијата на ОМО ИЛинден Пирин во Бугарија

default

Софија не ги почитува одлуките на Стразбур

Рокот за пријавување кандидати на локалните избори во Бугарија што треба да се одржат наредниот меец,истече.Политичката партија на Македонците во Бугарија,ОМО Илинден Пирин нема да има свои кандидати,зашто бугарскиот суд неодамна повторно не ја регистрираше партијата,спротивно на одлуката на Европскиопт суд за човекови права во Стразбур.

Европската слободна алијанса (ЕСА) во писмото потпишано од нејзиниот пртеседател Нели Маес, и упатено до Советот на Европа, Европската комисија и другите институции на ЕУ, како и од претседателот на Бугарија, бара да издејствуваат примена на одлуката на Европскиот суд за човекови права за итна регистрација на „ОМО Илинден Пирин“.На таа тема -разговор со директорот на ЕСА,Гинтер Дауен.

ДВ:Господине Дауен, ОМО Илинден-Пирин,политичката партија на Македонците од Бугарија, од април годинава е полноправна членка на Европската Слободна Алијанса, иако таа не е регистрирана од бугарските судови, кои патем повторно ја одбија нивната регистрација. Како вие реагирате по повторното отфрлање на нивната регистрација?

Гинтер Дауен:Нашата реакција е многу јасна. Најпрво станува збор за повторно регистрирање, бидејќи партијата беше веќе регистрирана како политичка партија пред седум-осум години во Бугарија. Потоа тие беа ставени вон законот од страна на бугарската држава врз основа на елементи кои потоа беа оценети како нелегални од страна на Европскиот суд за правата на човекот. Европската Слободна Алијанса смета дека Европската Комисија сега има правна основа да реагира.

Вие испративте повеќе писма до Советот на Европа, Европската Комисија, претседателот на Бугарија, поради нерегистрацијата на ОМО Илинден-Пирин, дали и директно сте ги контактирале европските институции и посебно Комитетот на Министрите на Советот на Европа кој го следи извршувањето на пресудите на Судот од Стразбур?

Да, ние сме во директен контакт. Во писмата кои ги испративме подвлековме, дека во еден од одговорите на нашите претходни писма од 2006, добиен од кабинетот на европскиот комесар задолжен за проширувањето, Оли Рен се вели: „Европската Комисија не може да делува пред да биде јасно кажано од Советот на Европа, дека Бугарија не ги почитува правилата и дека ги прекршила тие правила.“

Во преговорите што се водеа во рамките на Советот на Европа беше речено дека Бугарија треба да ги спроведе пресудите и дека треба повторно да ја регистрира партијата. Сега е јасно дека Бугарија нема намера да го направи тоа, затоа Комисијата има можност да делува и да го стави овој инцидент во извештајот за пост-мониторинг по приемот на Бугарија во Унијата.

Според вас Г-дине Дауен, кои се причините поради кои Бугарија не сака да ја регистрира партијата на македонското малцинство?

Постојат повеќе причини. Една од причините поради кои остануваат упорни во нерегистрацијата на партијата е гордоста.Тие не сакаат да признаат дека згрешиле и дека отсекогаш грешеле во ова прашање. Највисоките судски власти во Европа, кога станува збор за граѓанските цивилни, политички и човекови права, во 2005 година јасно кажаа дека Република Бугарија згрешила и дека таа треба да ја регистрира партијата.

Сега да и се каже нешто друго на јавноста во Бугарија е малку тешко. Од таму доаѓа упорноста на бугарските власти за нерегистрацијата на ОМО Илинден-Пирин. Како што реков, тоа е поради гордост.

Но и заради тоа, што е тешко за нив да прифатат да регистрираат една партија, која претставува еден народ за кој властите од секогаш велат дека не постои.

Тоа е вистински случај на апсурдност. Тие ќе мораат да и соопштат сега на јавноста дека прифатиле и мораат да признаат една партија од луѓе на кои им го негираат постоењето. Тоа се разбира е тешко, многу тешко да се направи. Но тие власти се одговорните за таа „идиотарија“ и за тој огромен пример на демагогија и пропаганда.

Втората причина- евидентно е дека по долгата процедура и преговорите во Советот на Европа, тие знаат дека немаат друг избор освен да ја регистрираат партијата. Но со оглед дека наскоро ќе има локални избори во Бугарија, присутен е обид за задоцнување на процесот на регистрацијата, со што за ОМО Илинден-Пирин нема да има свои кандидати на локалните избори. И ако бугарската држава почека уште малку и ја регистрира партијата во октомври или ноември, и во наредните години ОМО Илинден-Пирин нема да може да има свои официјално избрани лица во локалните власти.

Третата причина е фактот на непочитувањето на граѓанските цивилни и човекови права на луѓето со негирањето дека постои македонско малцинство на територијата на Бугарија.

Македонците од Бугарија всушност можат да се споредат како вонземјани од планетата Марс, бидејќи истовремено ни велат дека не постојат, за потоа да ни речат дека се опасни.

Што им велите на вашите македонски пријатели од Бугарија во очекување на регистрацијата на нивната политичка партија?

Им велиме дека не треба да го изгубат разумот, дека не треба исто така да ја изгубат надежта. Знаеме дека секогаш е обесхрабрувачки, кога најпрво постои надеж и потоа следи разочарување. Кога секогаш нивната сопствена земја и властите на нивната земја, ги негираат. Тоа за нив е уште потешко, бидејќи тие се граѓани на таа бугарска држава. Тоа е е сериозно.

Затоа ние им велиме да не ја губат надежта, бидејќи секогаш на крајот победува разумот и правото.

Ние, Европската Слободна Алијанса како мала европска партија, многу убаво знаеме дека тоа може да трае долго, бидејќи во нашите редови имаме само неколку партии во владините коалиции, но многу повеќе партии кои се малцински и ги претставуваат националните малцинства.

Потребно е многу време и лобинг за да се постигне целта, но сигурен сум дека ќе успееме во нашата цел. Ќе побараме исто така од нашите партии и од владите да извршат притисок преку постоечките инструменти на Советот на Европа за официлајно да биде ставено на хартија дека Бугарија не ги почитува конвенциите со одбивањето да ја регистрира партијата ОМО Илинден-Пирин.

Поврзана содржина