1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарија и Романија ќе чекаат одлука за Шенген до септември

ЕУ ќе ја одложи за септември одлуката дали ќе им се дозволи на Романија и Бугарија да влезат во Шенген зоната, информираше денеска претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој.

При гласањето е потребна едногласност од сите членки, но Холандија се противи на приемот на двете земји во Шенген зоната, бидејќи ставот на холандските власти е дека двете земји не направиле доволно во исполнувањето на критериумите – борба со корупцијата и организираниот криминал.

Романските власти обвинија дека во холандската влада има антиевропска партија и дека одлуката е донесена врз основа на ставот против имиграција.

На прес-конференцијата по состанокот на Европскиот совет, Херман ван Ромпој рече дека министрите ќе се обидат „да идентификуваат и имплементираат мерки, коишто ќе доведат до прием на Бугарија и Романија“ во Шенген зоната. ЕУ лидерите за сега само се обврзаа да се навратат на ова прашање во септември.

Извештајот на Европската комисија од минатиот месец покажа напредок во Романија, додека од Бугарија се побара посилна акција во исполнувањето на критериумите. Но, за двете земји останува задачата да поработат повеќе на борбата со корупцијата и организираниот криминал. Двете земји задоволуваат услови за прием во Шенген зоната од јуни 2011-та, кога ги зајакнаа граничните контроли.

Холандската блокада на Бугарија и Романија првично ја поддржуваа и Франција, Германија и Финска, но со тек на времето се повлекоа од таквата позиција.

Автор: Александар Методијев /афп/дпа

Редактор: Борис Георгиевски