1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бугарија е пријател и поддржувач на Македонија

Членството на Македонија во ЕУ и во НАТО е од стратешки интерес за регионот, порача денеска бугарскиот премиер Сергеј Станишев. Тој во Скопје се заложи за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Бугарија.

default

Бугарскиот премиер Сергеј Станишев

Македонско-бугарските политички односи се одлични, заеднички оценија премиерите на Македонија и на Бугарија, Никола Груевски и Сергеј Станишев, по нивната денешна средба во Скопје. Тие укажаа и на добрата економска соработка. Потврда за тоа е трговската размена, која во 2008 година ќе изнесува околу една милијарда долари.

„На политички план Бугарија е пријател и поддржувач на Македонија“, изјави македонскиот премиер Груевски, дополнувајќи дека Софија ја поддржува Македонија во евроатлантските интеграции и за либерализацијата на визниот режим на ЕУ за македонските граѓани.

„Бугарија повеќепати го има докажано своето пријателство и добрососедството. Бугарија е првата земја што ја призна независноста на Македонија“, потсети бугарскиот премиер Станишев. Тој оцени дека членството на Македонија во ЕУ и во НАТО е од стратешки интерес за регионот и затоа Бугарија ја поддржува Македонија во процесот за нејзино зачленување во овие организации.

А македонското малцинство во Бугарија?

На заедничката прес-конференција со Груевски, македонските новинари го прашаа бугарскиот премиер и за состојбата со правата на македонското малцинство во Бугарија и за регистрацијата на партијата на Македонците во Бугарија - ОМО-Илинден.

Gruevski Statement.jpg

Премиерот Никола Груевски

Тој порача дека во Бугарија не постои политичка загриженост за регистрацијата на ОМО-Илинден. „Тие како да не сакаат партијата да се регистрира според бугарските закони, зашто во таков случај повеќе нема да можат да бидат во центарот на вниманието“, истакна Станишев.

Бугарските новинари, пак, го прашаа македонскиот премиер Груевски кога во Скопје ќе се дозволи уредување на спомен-белезите за бугарските војници, кои во македонската историографија се третираат како окупаторски и зошто во земјата се води антибугарска кампања. Премиерот Груевски истакна дека владата не поддржува никаква кампања против Бугарија. „Повремено имало прилози во медиумите што не биле во директна полза на односите меѓу двете земји. Меѓутоа, како што знаете, медиумите се независни“, истакна Груевски.

Средба и со претседателот Црвенковски

Misstrauensvotum gegen bulgarische Regierung gescheitert

Сергеј Станишев со членови на владата

Бугарскиот премиер Сергеј Станишев разговараше и со македонскиот претседател Бранко Црвенковски. Двајцата политичари констатирале дека добрата соработка меѓу двете земји треба да се интензивира. Црвенковски порача дека Македонија од соседна Бугарија и натаму очекува јасна и недвосмислена поддршка за нашите евроатлантски интеграции.

Посетата на Станишев на Македонија е по повод 15-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. По тој повод, синоќа, во Домот на АРМ во Скопје, се одржа свечен концерт.