1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Бугарите ќе избираат меѓу екс-комунист и ЕУ-скептик и расист

Без одлука во првиот круг на претседателските избори во Бугарија. Во вториот круг: Георги Прванов против ултра-националистот Волен Сидеров

Георги Прванов (во средината)

Георги Прванов (во средината)

За актуелниот бугарски претседател Георги Прванов вчерашните претседателски избори поминаа според предвидувањата – во позитивна, но и во негативна смисла. Тој, како што и се очекуваше, освои далеку најголем број гласови, дури 60 проценти, а сепак не е реизбран, оти се потврдија и страхувањата за недоволно учество на избирачите – само 42 ипол проценти. Законски е предиведно дека за избор во првиот круг мора да гласаат најмалку 50 насто од луѓето со право на глас.

В недела, во вториот круг, избирачите ќе треба да се решат меѓу еден екс-комунист и еден ЕУ-скептик и расист: на Прванов противник ќе му биде ултра-националистот Волен Сидеров. Да не се избрука Бугарија пред самата себе си, пред своите деца и пред целиот свет – посакуваа некои од избирачите. А токму тоа се случи.

Анкетите спроти изборите навестија дека Бугарија има се’ поголем проблем со десницата. На парламентарните избори пред речиси една година партијата на Сидеров со агресивно име Атака стана четврта сила во земјата - иако во парламентот влезе во сојуз и со други партии. Вчера Сидеров, кој во предизборната борба постојано полемизираше против турското и ромското малцинство во земјата, освои околу 20 проценти од гласовите.

“Се разбира дека е непријатно, смета овој млад, конзервативно, но не и националистички определен човек од Софија. Но, Сидеров не е осамена појава, вели тој и ги наведува Ле Пен во Франција, Жириновски во Русија, и слични во Германија и Австрија, не именувајќи ги.

Вчера половина милион Бугари се декларираа за Сидеров и му овозможија голем настап в недела во директниот дуел против Прванов. “Резултатот покажува дека Бугарија се разбуди” – прокоментира Сидеров во популистички манир.

Георги Прванов не е загрижен што за противник во вториот круг ќе го има ултранационалистот. При таков резултат, вели тој, мислејќи на 60-те проценти од првиот круг, всушност е се’ јасно и не треба да се коментира.

За идната членка на ЕУ ќе беше подобро во втор круг да не се најдеше некој кој најрадо би го спречил пристапувањето на Бугарија - а најдобро веднаш да беше избран Прванов. Но, Бугарите од протест апстинираа од гласање, незадоволни од својата социјална положба и од корумпираната владеачка класа, казнувајќи ја така владата. Прванов, кој како претседател постојано се трудеше да биде претседател на сите граѓани – и на малцинствата исто така, имено, е кандидат на владеачките социјалисти.