1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарите се радикализираат?

Стравот од последиците од финансиската криза игра голема улога во изборната кампања во Бугарија за предвремените парламентарни избори. Од тоа профитираат како десноекстремните, така и левопопулистичките бугарски партии.

Со недели на почетокот на годината илјадници Бугари протестираа на улиците. Демонстрантите, кои не припаѓаа на некоја одредена партија, протестираа против влијанијата на финансиската криза, против растечките цени на струјата и растечката невработеност. Во повеќе големи градови активистите вееја национални знамиња и пееја борбени песни од 19. век, од времето на т.н. „Ослободување од турскиот јарем“, по 500 години османлиско владеење. Две лица се самозапалија. На 20. февруари владата на премиерот Бојко Борисов повлече консеквенции, поднесе оставка и распиша нови избори за 12 мај 2013 година. Меѓутоа националистичкото расположение и натаму се чувствува и влијае на изборната кампања.

Денес меѓутоа не се мисли повеќе на старите османлии. Демонстрантите застанаа против „странското владеење“ - она на меѓународните понудувачи на струја и синџирите прехранбени производи, кои според многумина Бугари се одговорни за високите животни трошоци. Александар Киосев, културен работник смета дека протесите јасно доведоа до ескалација на непријателството кон странците: „Вакви бунтови на очај секогаш се обидуваат да ги бараат виновниците меѓу странците. Не само странските инвеститори, туку исто така и Турците и Ромите честопати се цел на агресија, која со присуството на фудбалските хулигани и криминалците станува уште поопасна.“

Ромите - жртвени јарци

„Турци“, со тоа се мисли на турско-јазичното муслиманско малцинство во Бугарија сочинуваат околу осум проценти од населението. Според проценките, исто толку голема е и ромската заедница. За популистичките партии како сојузот Атака, кој е застапен како во Бугарскиот, така и во Европскиот парламент овие две групи претставуваат непријателска слика. Со години Атака собираше поени со протести против нови џамии, против настава на турски во училиштата или со тврдењата дека ромското население живее на трошоците на „вистинските Бугари“, со тоа што го исцрпуваат и онака слабиот социјален систем.

Социологот Андреј Рајчев гледа дека во моментов во Бугарија се создава нов тренд: „Протестите не предизвикаа нов тренд на непријателство и расизам, порасна меѓутоа прагот на прифаќање на такви опасни идеи. Атака во моментов е во подем, радикализацијата меѓутоа оди помалку во правец на омраза кон странците. Многу повеќе станува збор за повици за ’одземање на имото на странските капиталисти’, кои за дел од Бугарите звучат така атрактивно“.

Рајчев и другите набљудувачи согледуваат општа радикализација како на десната така и на левичарската периферија на општеството. Фудбалските хулигани спреми за насилство, кои отворено се хомофоби и честопати вистински ги прогонуваат хомосексуалците, радикалните националисти кои се’уште сонуваат за Голема Бугаруија и оние кои генерално ги мразат Турците и Ромите на десните маргини на општеството одеднаш излегоа заедно на улица со ултралевичарите и носталгичарите по комунизмот. И пред изборите на 12. мај повеќе мали партии тргнаа во лов на гласови токму во ова миље.

Еднаш бараат „националниот имот да му се врати на народот“, еднаш ветуваат дека ќе ги расчистат ромските гета и сите долгорочно невработени лица - овде исто така се мисли и на Ромите - ќе ги обврзат на принудна работа. Тоа сами по себе се популистички слогани, кои меѓутоа се чинат прифатливи и политички консеквенти за еден не така незначаен маргинализиран слој граѓани во Бугарија, смета политикологот Парван Симеонов.

Злоупотребени улични протести

Неговиот колега Огњан Минчев заклучува: „Едноцифрен процент Бугари веќе подолго време е подложен на непријателство кон странците, хомофобија и расистичко расположение“. Уличните протести не придонесоа да порасне оваа група, но дојде до радикализација. „На овие протести повикаа и некои популистички политичари, кои не се во состојба на изборите да добијат сериозна политичка поддршка“, смета Минчев.

И токму за тоа станува збор на изборите во мај: Кои партии ќе може да ги придобие овие 15/-20 проценти од избирачите кои беа активни на уличните протести? Двете големи партии, десно конзервативната ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и социлаистичката БСП досега се возржани со коментари за популистичките слогани и ветувањата на водачите на протестите. Се очекува меѓутоа дека една или две радикални партии ќе влезат во парламентот и ќе можат да го отежнат формирањето на владата.