1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Бугарите сакаат вистинска европска демократија

Од извештаите на ЕУ зависи и дали Бугарија ќе може да влезе во Шенген зоната. Во земјата повеќе од 50 дена протестираат илјадници Бугари против владата на социјалистите, избрана во мај, и политичката елита во Бугарија.

Протестите на десетиците илјади Бугари, пред се’ во Софија, се насочени и кон корупцијата и економската мизерија во земјата. Едни од оние кои учествуваа на протестите се и Светослав Василев и неговата ќерка Сијана, кои го изразија незадоволството на Плоштадот на независноста во центарот на Софија.

Оставка - извикуваа демонстрантите на овој плоштад. Тоа се однесува на бугарската влада, чие седиште е тука. Ова се случува од пред повеќе од еден месец - секое попладне од 18 часот и 30 минути.

„Ние доаѓаме тука за да изразиме незадоволство, затоа што не треба лица вмешани во криминални дејствија да бидат поставувани на значајни позиции“, вели ученичката Сијана Василева.

„... За на тој начин да се сензибилизира општеството за моралната перверзија што не’ опкружува“, додава нејзиниот татко Светослав.

Албена, сопругата на Светослав, веднаш по работа пристигна на демонстрациите, како и многумина други.

Proteste in Bulgarien

Демонстрациите се против корупцијата и лошата економска состојба во земјата

Следното утро во 7 часот се среќаваме повторно со семејството Василеви. Пред работа се обновува протестот против политичката елита во земјата. Акцијата е кафе-пиење пред парламентот.

„Толку години ни велат стискајте заби, ќе биде подобро. И, 24 години стискаме заби, но сега дојде време нашите деца да почнат да стискаат. Јас не се согласувам со тоа“, вели Албена Василева, која работи како претприемач во Софија.

Албена раководи со една мала продавница. Корупцијата тука е секојдневие, објаснува таа. Постојат и бројни бесмислени прописи, како оној што забранува картоните да се ставаат во контејнерите и мораат да се оставаат до нив, за да им се олесни работата на собирачите на стара хартија.

„За да не ми состават судски предмет со казна од неколку стотици лева, требаше да се плати мито на рака“, објаснува Албена Василева.

Слично функционираат работите и во високата политика. За шеф на тајната служба беше именуван еден медиумски магнат кој е под сомнение за корупција.

„Да, тоа не се луѓе со морал. Како еден гувернер во Бугарија, кој е поврзан со голема мафијашка организација“, вели Василева.

Bulgarien Antiregierungsproteste in Sofia 25.07.2013

Демонстрантите бараат пад на владата предводена од бугарските социјалисти

Поддршка за својот протест Василеви добиваат од највисоко ниво. Претседателот на државата наоѓа јасни зборови на поддршка за демонстрантите.

„Ние веруваме и оценуваме дека денешната демократија во Бугарија е повеќе фасадна демократија. Таа е помалку од она што ние сите го посакуваме - една вистинска европска демократија. Затоа верувам дека денес бугарското цивилно општество ја има моќта. Тоа им дава шанса на бугарските политичари да се променат и да ја вратат во живот вистинската демократија“, критикува бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.

Демонстрантите, меѓу кои беа и Василеви, протестираа и пред германската амбасада, од каде упатија повик за помош кон Западна Европа. Тие се надеваат на поддршка за соборување на владата и воведување на вистинска европска демократија.