1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бугарите одлучни да ги соборат корумпираните политичари

Бугарите повторно излегоа на улиците на Софија и други градови незадоволни од именуваните министри во новата влада на социјалистите. Особено проблематичен беше изборот на еден олигарх на висока функција.

Веќе две недели илјадници Бугари извикуваат „Оставка“ и „Мафија“ пред владината зграда во Софија. Новата коалициска влада на социјалистите и партијата на турското малцинство е на власт помалку од еден месец, но граѓаните бараат да си замине. Протестите во февруари годинава, по кои падна владата на Бојко Борисов, ги предизвикаа покачените цени на струјата. Но овојпат не се работи само за социјалните проблеми во најсиромашната земја-членка на ЕУ, туку за корумпираноста на политичката класа која со години владее со земјата. Меѓу демонстрантите, во најголем дел, се работи за луѓе од средната класа со високо академско образование.

Протестите експлодираа кога беше најавено дека за нов шеф на тајната служба ќе биде именуван Делјан Пеевски. Многу Бугари за 32-годишниот бизнисмен сметаат дека е поврзан со мафијашкото подземје. Тој и неговата мајка Ирена Крастева, поранешна директорка на државната лотарија, поседуваат телевизија, повеќе весници и најголемата печатница во државата. Потеклото на парите никој не го знае. Во 2007. се чинеше дека политичката кариера на Пеевски е веќе завршена, откако беше под истрага за злоупотреба на фондови и корупција додека беше на чело на министерството за вонредни ситуации. Обидот на владата да го постави на чело на тајната служба, притоа дури и менувајќи некои

Deljan Peevski von der Partei DPS

Контроверзниот Делјан Пеевски

закони за да ги приближат до неговиот профил, предизвика жестока реакција.

Нови предвремени избори?

Даниел Смилов, аналитичар во Центарот за либерални стратегии во Софија, очекува политичката криза да се влоши, а вонредните избори ги гледа како единствен излез: „Тие би требало да се одржат во следните шест месеци“.

Именувањето на Пеевски не беше единствениот скандал на новата влада. Иван Иванов беше министер за надворешни работи неполни три часа, по што мораше да поднесе оставка, откако беше откриено дека бил поврзан со криминална група. И други именувања во владата во јавноста беа протолкувани како фаворизирање на олигарсите. Граѓаните се чувствуваа измамени од корумпираната политичка елита. Еден конзервативен политичар вели дека во Бугарија повеќе нема линија на одвојување меѓу левицата и десницата, туку меѓу граѓаните и мафијата.

„Политичарите мислеа дека можат да ја одржуваат власта со стриктна дисциплина во рамките на партијата, задскриени зад сомнителни апарати на моќ. Но, сега сфаќаат дека тоа беше грешка“, вели Парван Симеонов, од институтот Галуп.

Нови ветришта

Околу 60 академици, политичари, новинари и правници основаа нова иницијатива под името „Карта 2013“, чија цел е борба против плутократијата и корумпираната влада.

„Во програмата на ’Карта’ има се’ и сешто. Наместо да ги прелистуваат сите проблеми со кои се соочува Бугарија, подобро е да се концентрираат на јасни приоритети како нов изборен закон, уставни промени, засилување на моќта на претседателот, деполитизација на судството и поголеми овластувања за јавниот обвинител“, смета поранешниот германски амбасадор во Бугарија, Клаус Шрамајер.

Засега е тешко да се процени дали актуелната влада ќе успее да ја задржи власта. Во интервју за австриски Ди Пресе, шефот на социјалистите, Сергеј Станишев, состојбата во земјата ја нарече „експлозивна“ и повика на смирување на тензиите. Тој инсистира дека новата влада е подготвена да се фати во костец со проблемите: високата цени на енергијата, сиромаштијата и лошата економија.