1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бројките „вриштат“, ДИК молчи

Катерина Блажевска11 април 2016

Работата на ДИК продолжува во тензии и нетранспарентност. Наместо официјални, флуктуираат неофицијални информации, според кои, Комисијата се уште е далеку од можноста да обезбеди веродостоен Избирачки список

https://p.dw.com/p/1ISzQ
Фотографија: Agentur MIA

Остануваат уште четири дена до најавениот датум за распишување на изборите, кој претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, намерно го одложи за 15-ти април, со цел да и даде дополнително време на Државната изборна комисија (ДИК) да ги заврши обврските со теренски и административни проверки на Избирачкиот список. Но, молкот кој во изминатиот период стана заштитен знак на ДИК, и натаму е нејзина главна алатка за „комуникација“, па јавноста нема никакви официјални информации како напредува ажурирањето на списокот. Извори упатени во работата на Комисијата тврдат дека молчењето е резултат исклучиво на несогласувањата меѓу членовите на ДИК околу постапувањето со разни категории спорни записи.

„Таму владее атмосфера на конфронтации и постојано партиски мотивирано надгласување, што не смее да се случи ако главната цел на нивната работа е враќање на довербата во веродостојноста на Избирачкиот список. Сите треба да се подготвени темелно да се провери се што е спорно, а не да мотивираат формално протрчување низ контролата на терен. Ако нема разбирање и доверба меѓу нив, девет членови во Комисијата, тогаш како ќе ја вратат довербата во списокот кај гласачите“, вели нашиот соговорник.

Членовите на ДИК имале спротивставени ставови околу методологијата за проверка на 40.000 гласачи кои не биле најдени дома при теренската проверка, а за нив Комисијата одлучила повторно да бидат проверени преку базите на податоци. Тоа за ТВ „21“ го потврди членот на Комисијата, Реџеп Прекопуца кој верува дека до 15 април ќе се финализираат резултатите од теренската проверка.

„За оние спорни 40.000 гласачи повторно треба да се обратиме кај институциите. Откако ќе ги внесеме во системот, ќе ги разгледаме повторно и резултатите од теренската проверка. Се надевам дека за два до три дена ќе завршиме и со тоа“, изјави Прекопуца.

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008
Трајко ВељаноскиФотографија: DW/MIA

Многу записи за проверка

Но, ова не е единствената бројка која треба да се провери. Неофицијално, теренските проверки покажале дека околу 11.000 гласачи треба да се бришат од списокот по неколку утврдени основи, дека 27.000 се надвор од државата и треба да бидат одбележани со ѕвездичка, за да не може друго лице да гласа во нивно име, а било утврдено и дека околу 25.000 поседувале пасош, но не и лична карта. Ако, од нив се одбие бројката на околу 3.000 малолетни лица кои не можат да имаат лична карта, МВР сега треба да утврди како над 20.000 возрасни граѓани добиле пасош без да поседуваат лична карта. До овој момент е сигурно дека ќе се избришат 1.129 гласачи за кои изминатите денови беше утврдено дека се починати, а ги имало на Избирачкиот список.

Недовербата не се однесува само на третматнот на спорните записи, туку и за начинот на кој се врши теренската проверка.

Контролите на Избирачкиот список ги вршат административци од власта и имаме сознание од нашето членство на терен, посебно во Шуто Оризари дека проверките се катастрофални, реагираа вчера од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).

„Некој не дава документи, некого прескокнуваат, нема одговорност на потпишувачот, се поминува колку да се каже дека провериле. Затоа нашата партија не верува во проверката на Избирачкиот список и не верува дека податоците се точни. Уште еднаш потврдуваме дека во Македонија ја нема бројката која ја прикажува ДИК“, реагираа од ПЦЕР. За да се овозможи правилна и точна проверка на Избирачкиот список, ПЦЕР побара одложување на изборите.

Без инсинуации и импровизации

Со оглед дека парламентот е распуштен, а Владата ќе функционира како техничка, ДИК во овој период се сметаше за клучна институција која треба да внесе верба кај граѓаните дека работите се одвиваат во добра насока и дека може да го заштити нивниот глас. Но, работите тргнаа во несакан правец.

Roma Mazedonien
Во Шуто Оризари проверките се катастрофални, реагираат од ПЦЕР.Фотографија: DW/K. Blazevska

„Ситуацијата е сериозна, не трпи грешки, не трпи нетранспарентност и никако не трпи импровизации“, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

„Основниот проблем кој требаше да се надмине, а тоа беше да се обезбеди доверба во избирачкиот список, не се надмина. Повеќе пати се обидував да укажам дека ДИК од самиот почеток треба да биде транспарентена, за да не се доведе во сомневање целата постапка. Но, ДИК дефинитивно создаде повеќе забуна кај граѓаните и придонесе политичките партии да лицитираат со бројки. Сега лидерите на партиите изнесуваат податоци за Избирачкиот список, а официјалниот орган надлежен за тоа не излезе ни со првична оценка“, реагира Новаковски.

Смета дека довербата нема да се врати, а списокот ќе треба да ја покаже својата веродостојност на денот на изборите.

„Недозволиво многу простор се остави за инсинуации и коментари. Сметам дека ДИК веќе работи под целосна контрола на политичките субјекти и се надевам дека барем малку ќе најде храброст да се извлече од канџите на политиката, од потребите на политичките субјекти и дека целата постапка ќе ја одработи во интерес на граѓаните. Според сознанија што ги имам, ДИК работи во една крајно тензична и непријатна атмосфера, која се должи на голема партиска инволвираност во работата и на недоволно искуство да се изменаџираат процесите. Целиот амбиент за избори е сериозно нарушен, постои голема поделба не само помеѓу партиите, туку и во сите слоеви на општеството - медиуми, невладин сектор, а сето тоа создаваа фрагилна ситуација која не е добра пред избори“, констатира Новаковски.

И Новаковски, но и дел аналитичари, се песимисти дека во наредниот кус период ќе може да се врати изгубената доверба. Изминатов викенд „мируваа“ дипломатските активности со раководствата на партиите околу (не)учеството на изборите на 5-ти јуни. Целото внимание сега е максимално насочено кон активностите на ДИК, бидејќи од обезбедувањето на веродостоен и доверлив Избирачки список, во голема мера ќе зависи како ќе се оценат елементарните услови за фер - избори.