1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бронзен медал, многу симпатии и перспективи

Германија може да биде задоволна од настапот на ФИФА СП во фудбал. Не само поради третото место и признанијата за Томас Милер туку пред се’ поради симпатиите што ги стекнаа во светот за нивната допадлива напаѓачка игра.

default

Германската репрезентација

„Сега не се враќаме со празни раце во Германија, туку екипата го заслужи ова трето место“, рече германскиот селектор Јоахим Лев пред заминувањето од Јужноафриканската Република.

Поради убавата напаѓачка игра Германија стекна многу симпатии и во странство, на задоволство на новиот сојузниот претседател Кристијан Вулф:

Fußball WM 2010 Südafrika Spiel um Platz 3 Deutschland Uruguay

Томас Милер беше младата ѕвезда на шампионатот

„Тие гледаат како на репрезентација која е симпатична. Некои Африканци ми кажаа денеска дека германската репрезентација е како виножито, шарена, разновидна и убедлива како тим.“

Панцирите станаа мултикултурна напаѓачка машина за респект

Слични се забелешките и на Франц Бекенбауер, човекот кој и како фудбалер и како тренер освои светска титула со германската репрезентација: „Кога ќе помислам, целото расположение што го почувствував овде во Јужноафриканската Република од странците е еуфорија. Тие велеа - германската репрезентација беше најдобрата репрезентација.“

Dossierbild 3 WM 2010 Deutschland gegen Spanien

Германските навивачи имаат причини за задоволство

И навистина: во рок од еден месец, Бастијан Швајнштајгер, Филип Лам, Томас Милер (кој беше прогласен за најдобар млад играч и за најдобар стрелец на првенството) и другите, го променија сфаќањето на другите за фудбалска Германија. Репрезентативците се’ поретко ги нарекуваат панцири, а наместо тоа од сите страни доаѓа респект и признание.

Кај германскиот тим фасцинира и мултикултурноста. Единаесет од 23 играчи на првенството имаа странски корени. Меѓу нив и некои од најдобрите, како Месут Езил, Сами Кедира и Џером Боатенг. „Имаме многу млади играчи, кои се разбира имаат голема иднина пред себе. Тие овојпат на својот прв турнир собраа многу искуство. Тоа е добро за шампионатите што следуваат“, смета Бастијан Швајнштајгер, новиот „мотор“ на германскиот тим.

Лев треба да остане селектор

Südafrika WM 2010 Fußball Deutschland Joachim Löw Pressekonferenz

Јоаким Лев- татко на тимот

Татко на успехот на младата германска репрезентација е, се разбира, Јоахим Лев. Тој се залага за офанзивен систем на игра, каков што не покажа ниту една друга репрезентација на ова светско првенство, дури ни шампионите и, во техничка смисла, најубедливите Шпанци: „Од начинот на игра со офанзивата, со храброста што ја имаме, со ризикот кој го преземаме, мора да бидеме задоволни. Мислам дека на навивачите им причинува задоволство кога не само се победува, туку и се игра офанзивен фудбал.“

Сега фудбалска Германија го очекува неговиот нареден збор. Имено, Лев побара неколку дена мир да ги среди мислите пред да одлучи дали ќе продолжи да ја води репрезентацијата. Анкетите говорат дека преку 90 насто од Германците го бараат тоа од него. Целта е да се продолжи во ист стил, со убава, офанзивна игра, на патот кон титулата на ЕП во 2012 година, во Полска и во Украина!

Автор: Арнулф Бечер/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска