1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бронзата побегна, но гордоста остана

Македонските кошаркари не успеаја да стигнат до бронзениот медал на Европското првенство во Литванија. Во малото финале, Македонија загуби од Русија со 72-68.

default

Не се повтори радоста од претходните победи

Кошаркарите на Русија му се радуваат на бронзениот медал на Евробаскетот, откако денеска, по вторпат на првенството успеаја да ја совладаат македонската репрезентација. Македонија повторно, како и на европското првенство пред две години го имаше последниот напад со кој можеше да се избори најмалку за продолжение. Русите имаа два поени предност, македонските кошаркари изработија добра акција, но Дамјан Стојановски не успеа да го реализира шутот од под самиот кош. Конечниот резултат потоа го постави Швед од линијата за слободни фрлања.

Македонскиот селектор Марин Докузовски на официјалниот прес по натпреварот доби невидени овации од сите новинари кои беа во салата. Докузовски застана пред насобраните претставници од седмата сила, ги отпоздрави, што донесе ерупција на воодушевување.

Sport Basketball Mazedonien gegen Deutschland Martin Dokuzovski,

Тренерот Марин Докузовски

„Ова воопшто е најголем македонски успех. Целото првенство сонувавме за медал, ни се укажа шанса да го имаме на градите, но не не посака. Мечот го загубивме поради офанзивниот скок, Русите имаат голем фонд на играчи, тие се кошаркарска велесила. Ние игравме со шест-седум играчи цело првенство, денеска имавме проблеми со фаулите во поголемиот дел од мечот. Се надевам дека не ги разочаравме навивачите што не освоиме медал" - рече македонскиот селектор.

Центарот Предраг Самарџиски не беше разочаран од поразот и најави уште поголем успех на следниот собир на најдобрите европски тимови.

„Мечот го добија Русите поради поголемиот фонд на играчи, но и поради огромниот број на офанзивни скокови. За ништо не ми е жал, сега сите знаат која е Македонија, знаат кои сме и што сме, се боревме храбро, изгинавме на теренот, се надевам дека за две години на наредното ЕП во Словенија, ќе одиме чекор понапред", рече македонскиот центар.

Во текот на целиот меч Македонија беше во негатива, но успеваше постојано да се враќа во игра, најмногу благодарение на одличните Бо Меккејлеб и Владо Илиевски. Русите на полувремето водеа со шест поени разлика, но добрата трета четвртина ги врати македонските кошаркари во игра. Во четвртиот период се играше поен за поен, а највисоката предност на Македонија беше три поени.

Клучни во оваа четвртина, а веројатно и на мечот се покажаа деветте скокови во напад на руската репрезентација, по кои добиваа шанса да се вратат во игра.

Marin Dokuzovski

Историски успех

Во македонскиот тим најефикасен повторно беше Меккејлеб со 22 поени, иако во последната четвртина беше добро чуван и не успеа да поентира. Илиевски постигна 16, а Антиќ- 13 поени. Во рускиот тим најефикасен беше Андреј Кириленко со 18 постигнати поени. Статистиката покажува и дека Русија имала дури 18 скокови повеќе од Македонија, 43-25.

Натпреварот во Каунас го следеа стотици македонски навивачи, но ниту поддршката од трибините не помогна да се стигне до медалот. И покрај поразот, македонскиот тим го постигна најголемиот успех во својата историја, а обезбеди и учество на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон следната година, како и директен пласман на следното Европско првенство кое ќе се одржи во Словенија во 2013 година.

Утре, 19.09., македонските кошаркари ги очекува свечен пречек во Скопје, а планирана е и прослава на нивниот успех на градскиот плоштад.


Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

WWW-линкови