1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Британците се простија од „Челичната лејди“

Со погребна церемонија во катедралата Сент Пол, Британците денеска се простија од поранешниот премиер, Маргарет Тачер. Во земјата има и критики за димензиите на церемонијата.

Една недела по смртта, поранешниот британски премиер Маргарет Тачер е погребена денеска во Лондон, со високи воени почести и со службена церемонија во катедралата Сент Пол. Ковчегот со мртвото тело на Маргарет Тачер помина низ улиците на Лондон, од зградата на Парламентот до црквата Сент Климент, а од таму до црквата Сент Пол, каде се одржа погребната церемонија. На неа беа поканети повеќе од две илјади гости од земјата и странство, а учествуваше и кралицата Елизабета и нејзиниот сопруг, принцот Филип. Со присуството на кралицата церемонијата доби посебна вредност, иако двете жени имаа меѓу себе дистанциран и студен однос. Покрај премиерот Дејвид Камерон присуствуваа и неговите претходници Џон Мејџор, Гордон Браун и Тони Блер. Германија ја претставуваше министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. Од името на Македонија пак во Лондон на погребот на Тачер присуствуваше претседателот на македонскиот парламент, Трајко Вељаноски.

Маргарет Тачер беше прва жена-премиер во британската историја и најдолго на функцијата во 20-от век. Таа почина на 8 април од мозочен удар на возраст од 87 години. До денес таа ги дели Британците - за нејзините приврзеници таа беше голема политичарка, која постави смерници за земјата, а критичарите до денес не можат да и‘ простат некои работи, како борбата против синдикатите, радикалното либерализирање на стопанството и приватизацијата на фирмите, како и војната за Фолкландските острови.

Во Британија беше спорна и димензијата на погребната церемонија, која чини околу 12 милиони евра. Трошоцците ги критикуваат пред се‘ левичарските политичари. Премиерот Камерон за БиБиСи ги правдаше размерите на церемонијата:

„Таа е сразмерна на големината на нејзината личност“, рече тој.

Такви почести какко Маргарет Тачер не добил ниту еден британски премиер по Винстон Черчил во 1965 година.