1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Британците се за дистанцирање од Европа

Велика Британија не влезе во еврозоната. Сега земјата сака да истапи од повеќе од 130 правосудни проекти на Унијата и да ја напушти соработката на полициите. Дали тоа значи чекор поблизу до напуштање на Европската унија?

Европската унија се бори да ја надмине кризата и самата да се реформира. Но, има и знаци кои навестуваат дека можеби допрва престојат поголеми потреси, дури и рекомпонирање на Унијата. Такви сигнали доаѓаат од населението и владата во Велика Британија, кои се многу критички настроени во однос на ЕУ.

EU Gipfel Haushalt Belgien Brüssel Premierminister Großbritannien David Cameron

Дејвид Камерун

Британски пабови се наоѓаат во срцето на европскиот кварт во Брисел, но се чини дека Европската унија се’ помалку им лежи на срце на Британците. Некои дури посакуваат и истапување од Унијата.

„Велика Британија не би требало да остане во ваквата ЕУ!“, смета еден од Британците гости во паб во Брисел. Со однесувањето што го покажува британскиот премиер Дејвид Камерун се чини дека и тој не е вистински заинтересиран за она што се случува во Унијата. Велика Британија од ЕУ сака само една работа - слободна трговија.

„Заедничкиот пазар, најголем во светот, е нашето најголемо постигнување и него треба да го дозаокружиме“, смета Дејвид Камерун.

Но, Британците се чини дека попрво имаат намера да ја напуштат соработката во правосудната и полициската област и да откажат преку 100 договори во ЕУ, оти, наводно, правните системи не можеле да се усогласат.

EU Gipfel Ausweg gesucht

Се чини како Велика Британија да прави чекори за напуштање на ЕУ

„Ако останевме, Европскиот суд на правдата ќе се мешаше и ќе му беше надреден на нашето правосудство во многу чувствителната област на кривичното право“, вели британскиот европратеник Мартин Каланан.

Со тоа започна напуштање во рати, сметаат многумина во Брисел. И тоа токму во време, кога Европејците сериозно се зафатија со темелна реформа на ЕУ.

„Ние создаваме поинтегрирана ЕУ, со нов договор. Тогаш секоја земја самата ќе може да избере - ќе остане или ќе истапи од ЕУ“, објаснува претседателот на Либералите во Европарламентот Ги Ферхофстат.

За тоа Дејвид Камерон веројатно ќе мора да организира референдум во Велика Британија. Во моментов околу половина од Британците посакуваат групната фотографија на европските државници наскоро да стане минато. Значи, многу е можно по неколку години пабовите да останат единственото британско нешто во Брисел, главниот град на Европа.