1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Британците на 29 март со барање за излез од ЕУ

Велика Британија ќе поднесе барање за излез од Европската Унија на 29 март, соопшти портпарол на владата во Лондон. Од тој датум почнува отчукувањето на часовникот.

Откако ќе биде поднесено барањето за излегување од ЕУ, Лондон и Брисел имаат време од две години за преговори околу збогувањето на Обединетото Кралство од Унијата. Продолжување на тој рок е можен само ако за тоа согласност постигнат сите 27 членки на ЕУ и владата во Лондон.

Во текот на наредните месеци на експертите од Велика Британија и од ЕУ им претстои мамутска задача. Информативниот портал „Политико“, повикувајќи се на извештаи од комисиите во Европскиот Парламент, објави дека треба да се разгледаат околу 21.000 ЕУ-правила и закони. Тоа значи дека во просек дневно ќе мора да се разгледуваат и обработуваат по 40-тина закони. Прилично жешка и комплексна тема се правата на речиси три милиони граѓани на ЕУ во Велика Британија. Лондон по ова прашање инсистира на брзи преговори, доколку слични гаранции им бидат дадени и на околу еден милион Британци во континентална Европа.

Symbolbild Wecker Brexit (picture-alliance/dpa/U. Baumgarten)

Времето за преговори е ограничено

Британците со тесно мнозинство гласови се одлучија за излегување до ЕУ на референдумот одржан во јуни минатата година. Велика Британија стана членка на ЕУ во 1973 година и сега ќе биде првата држава која ја напуштила Унијата.

Во сабота претседателите на држави или влади на останатите 27 членки на ЕУ во главниот град на Италија ќе ја одбележат 60-годишнината од Римските договори. Договорите важат како извод на раѓање на обединета Европа.

DW.COM