1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Британскиот популизам и опасностите од напуштање на ЕУ

Британските политичари профитираат од антиевропското расположение кај народот. Но, сојузот на работодавачите, ЦБИ предупредува-евентуалниот излез на Велика Британија од ЕУ би чинел скапо.

Евроскептицизмот е збор кој човек речиси не се осмелува да го изговори во ходниците во Стразбур, критикуваше Најџел Фариџ (на насловната фотографија), претседател на британската Партија на независноста во говор пред Европскиот парламент. За него, напротив, евроскептицизмот е нормална и разумна потврда на идентитетот на една земја.

„Сакаме да живееме и работиме во Европа каде постои демократија на националните држави. Сакаме да тргуваме и да соработуваме“, изјави тој во говор на почетокот на ноември. Но, потребно е секој да ги контролира своите граници. Тоа е логичен и разумен став на секоја национална држава, смета Фариџ. Неговата партија важи за популистичка и десничарска, но таа не е единствената партија која во Велика Британија профитира од антиевропското расположение на многумина граѓани.

Откако тогашниот премиер Гордон Браун во 2007. година го даде спорното ветување „британски работни места за британски работници“, како десничарските, така и левичарските политичари во ловењето гласови го користат популистичкиот, еврокритички став на многумина Британци. Шест години подоцна, објавено е дека конзервативниот премиер Дејвид Камерон пред приправниците во една фабрика во Коули изјавил дека Велика Британија мора својата младина да ја образува толку добро, што ќе биде конкурентна во глобалниот свет и нема да постои зависност од источноевропските работници.

„Британски работни места за британските работници“

EU-Gipfel in Brüssel 24.10.2013

Дејвид Камерон е соочен со популизам

Денес постојат фабрики во кои „половината од вработените доаѓаат од Полска, Литванија или Летонија“, рекол Камерон. Од јануари 2014. година во ЕУ ќе важи правото на целосна слобода на движењето на работната сила и за Романија и Бугарија, поради што на политичарите им е лесно да шират стравови во врска со источноевропските доселеници кои на Британците ќе им ги земат работните места.

Најџел Фариџ смета дека е време „владата да биде повикана на одговорност“ за да не тврди дека со отворањето на британските граници за Бугарите и Романците нема ништо да се промени. Според една студија во ЕУ, вели Фариџ, „во Британија има околу 600 илјади економски неактивни Источноевропејци“. Земјата, според него, плаќа детски додаток за „50 илјади деца, кои воопшто не живеат во Велика Британија“, што Британците ги чини еден милион фунти неделно.

На популистички бран

Во време на економска криза за британските семејства овие бројки, сеедно дали се точни или не, водат до создавање расположение против наводната закана од Исток. Доселувањето ќе биде централна тема на изборите за Европскиот парламент 2014. година, прогнозира Фариџ: „Тие се централна тема и во однос на останувањето на Велика Британија во Европа“.

Премиерот Камерон уште одамна е соочен со евроскептичните фракции во сопствената партија, како и со растечката популарност на Партијата на независноста. Од 2010. година се дискутира за референдум на кој Британците би се изјасниле дали уште би биле дел од ЕУ. Датум се‘уште не е утврден, но актуелната влада најави дека тоа ќе биде некаде во 2015. година.

Symbolbild Armutsmigration Europa

Страв од сиромашни доселеници

Британските гласачи ги освојува популизам, смета Крис Хауарт, водечки експерт на влијателната тинк-тенк организација „Отворена Европа“ во Лондон. Тоа е доказ за постоењето внатрешни проблеми. Многу гласачи се фрустрирани од одделните аспекти на ЕУ, како претераната регулатива и трошоците на европскиот буџет. Освен тоа, омиленоста на популизмот се темели и на се‘ помалата доверба во политичките елити, пишува британскиот коментатор Џон МекДермот во „Фајненшел тајмс“.

Опаностите од излез на Британија од ЕУ

Британскиот сојуз на работодавачите ЦБИ предупредува од широко распространетата апатија против Европа и се‘ што претставува ЕУ. Во годишниот извештај се пледира за останување на Велика Британија во ЕУ. Според ЦБИ, членството во ЕУ на секое британско домаќинство годишно му носи до 3 илјади фунти.

Предностите ги надминуваат неповолностите: пристапот кон европскиот пазар со 500 милиони граѓани е огромен плус за британското стопанство, пишува ЦБИ. Членството во ЕУ освен тоа го цементираше угледот на Велика Британија како меѓународно водечки финансиски центар.

Велика Британија има големо влијание во Брисел, наспроти општото мислење, објаснува генералниот директор на ЦБИ, Џон Крајдланд.

„Се‘ додека правилно ги играме нашите карти, ќе остане така“.

Европскиот пазар е голем успех за Велика Британија, која само преку ЕУ може да биде водечка на светската сцена, тврди тој.

Крајдланд се залага за модернизација на внатрешниот пазар, за ЕУ да ги признава и почитува границите повлечени од членовите, истовремено констатирајќи дека Велика Британија не може да стигне на работ на најголемиот трговски блок во светот следејќи ги сите правила, а не поставувајќи ниедно.

ЦБИ е најголемото здружение на британските работодавачи и претставува околу 240 илјади претпријатија. Во анкета на ЦБИ речиси 80 проценти од нив се изјасниле за останување на Велика Британија во ЕУ.