1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Британија предводник во борбата против климатските промени

Актуелниот претседавач со ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел, и евро-комесарот за екологија Ставрос Димас, ја поздравија одлуката на британската влада за драстично редуцирање на издувните гасови.

Премиерот Тони Блер во посета на постројка за користење на енергијата на ветерот

Премиерот Тони Блер во посета на постројка за користење на енергијата на ветерот

Премиерот Тони Блер вчера објави дека Обединетото Кралство до 2020 година има намера да ги намали гасовите што доведуваат до затоплување на климата за 26 до дури 32%. Ова е повеќе од она на што се обврзаа шефовите на држави и влади на самитот на ЕУ минатата недела во Брисел.

“Ова е револуционерен чекор во соочувањето со заканата од промена на климата и им дава пример на другите земји. Мислам дека одлуката и‘ соодветствува на силната желба на народот на Велика Британија да ја преземе водечката улога во светот на овој план“ - изјави премиерот Тони Блер.

Министерот за екологија Дејвид Милибенд оцени дека моментот за ваква силна регулатива за борба против промените на глобалната клима е навистина добро погоден. Во законскиот предлог на британската влада е поставена и уште подалекусежна цел, имено до 2050 година емисијата на јаглерод диоксид да се намали за 60%. Сето треба да се проверува и контролира со т.н. петгодишни буџети, еден вид контингенти за испуштање штетни гасови во атмосферата.

Со ваквите планови Британците навистина ја преземаат водечката улога во светот. Евро-комесарот за еколошки прашања Ставрос Димас посочи дека станува збор за многу храбар чекор на британската влада. А канцеларката Ангела Меркел оцени дека патот што Велика Британија го исцртува е исправен.

Поврзана содржина