1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Британија не се откажува од блокадата за Романците и Бугарите

Британската министерка за внатрешни работи Тереза Меј денеска повторно побара ограничување на слободното движење во рамките на ЕУ, во пресрет на состанокот со колегите од другите земји-членки

„Мораме да го промениме начинот на кој функционира слободното движење во рамките на ЕУ“, порача Меј во пресрет на средбата на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Унијата во Брисел.

Идејата за ограничување на слободното движење во рамките на ЕУ добива на гласност, иако засега само Британија отворено ја поддржува. Причина за загриженоста е стекнувањето на правото на бугарските и романските државјани, од 1. јануари следната година слободно да бараат работа низ сите држави во ЕУ.

Граѓаните на Романија и Бугарија добија право слободно да се движат низ земјите-членки на блокот со влегувањето на нивните земји во полноправно членство во 2007. но до денес не успеаја да станат дел од Шенген просторот, и покрај тоа што ги исполнуваат сите критериуми.

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих денеска најави дека ќе продолжи да го блокира зачленувањето на двете земји во Шенген зоната, наведувајќи ја загриженоста околу корупцијата и организираниот криминал кај нив.

Британија, од друга страна, се обидува да го блокира правото на граѓаните од Романија и Бугарија на слободен пристап на пазарот на трудот во ЕУ. Официјален Лондон е загрижен од наплив на мигранти од овие земји кои би го злоупотребувале социјалниот систем. Меј денеска побара усвојување мерки со кои „ќе се забави воведувањето на правото за слободно движење, сѐ додека нема гаранции оти нема да се случи масовна миграција“. Дополнителните услови би можеле да вклучуваат минимум заработувачка по лице пред да му биде одобрено правото на слободно движење, а Меј предлага и воведување национален лимит за имигранти од други делови на ЕУ.

Viviane Reding

Вивиен Рединг

Но, европската комесарка за правда Вивиен Рединг ги отфрла предлозите за воведување рестрикции. „Слободното движење е основно право на внатрешниот пазар. Тоа не е тема за дискусија“, изјави таа.

„Слободата на движењето е важна придобивка и достигнување на ЕУ кое мора да се заштити од злоупотреби од страна лица кои патуваат од една во друга земја за да ги користат придобивките од социјалната помош“, одговори германскиот министер Фридрих. Тој изрази разочараност од планот во пет точки на Европската комисија со кој се предвидуваат построги контроли на браковите од интерес и координација на социјалната помош меѓу земјите-членки.

Но Рединг смета дека земјите-членки треба самите да преземат мерки за да им стават крај на злоупотребите на социјалната помош- преку промена на националните законодавства.