1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Брисел очекува спроведување на извештајот за 24-ти декември

Европската комисија со големо внимание следи што ќе се случува по постигнатиот договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за настаните од 24-ти декември. Политичките критериуми се само една од областите за оценка.

„За нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив“ – изјави доцна во неделата (25.08.2013) македонскиот премиер Никола Груевски, осврнувајќи се на заклучоците од извештајот на комисијата, која работеше на расветлување на настаните во Собранието на 24-ти декември. Дојче веле побара оценка меѓу бриселските дипломати за потпишувањето, но неприфаќањето на формулациите.

Google Hangout ANDERES FORMAT EU Europa Brüssel

Брисел ги очекува следните чекори на официјално Скопје

„Секој може да каже што сака, но она што се оценува се акциите. Ако има примена на препораките од извештајот на Комисијата - тогаш тоа е она што се очекува во Брисел. Ако има примена можеме да бидеме среќни“, објаснува бриселски функционер со кој разговараше Дојче веле. Тој додава дека „таквите изјави се дел од секоја политичка игра“. Премиерот „на гласачите треба нешто да им каже, нешто да оправда и да ги смири гласачите“, додава бриселскиот дипломат.

И од Европската комисија укажуваат дека сега е важно она што ќе следува. Комисијата очекува примена на постигнатиот договор. „Еден чекор е извештајот за настаните од 24 декември, а втор и побитен е примената на препораките“, изјави за Дојче веле Петер Стано, портпаролот на еврокомесарот Штефан Филе.

„Ова беше многу важно. Кажано е повеќепати како од Европската комисија, така и од земјите-членки, дека мора да се разјасни што се случи во декември во парламентот, дека мора да се знае како се случи тоа и да се спречи повторно случување, бидејќи тоа го става под прашање функционирањето на политичките институции. Затоа е значајно разјаснување на настанот и ЕУ го набљудува ова“, изјави портпаролот Стано за Дојче веле.

Тој нагласува дека ова е еден од значајните моменти во оценувањето на исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ, но и дека не е единствен. Стано не сака да шпекулира дали извештајот за Македонија ќе биде позитивен или негативен и укажува на тоа да се почека средината на следниот месец, кога тој ќе биде објавен и ќе содржи „вредносна оценка како земјата ги исполнува неопходните критериуми за прием во ЕУ“.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе

„Не коментираме шпекулации во медиуми. Не шпекулираме што ќе има во извештајот, дали ќе биде позитивен или негативен, што ќе препорача или нема да препорача Европската комисија“, нагласува Стано за Дојче веле. Тој упатува на внимателно читање на последната реченица од вчерашната изјава на еврокомесарот Штефан Филе.

Филе на неговата официјална веб-страница објави изјава по повод постигнатиот договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Во последната реченица стои: „Последниот развој ќе се одрази на претстојниот извештај за напредокот на Поранешната Југословенска Република Македонија“.

Еврокомесарот го поздрави „успешното завршување на работата на Анкетната комисија, со конечниот извештај прифатен со консензус, поддржан од сите членови на Комисијата“. И Филе го нагласи очекувањето на имплементацијата на препораките во усвоениот извештај, а истовремено потсети и на очекувањето да се исполни остатокот од политичкиот договор од први март. Филе нагласи и дека резултатот „покажува оти евроинтеграциите продолжуваат да бидат значајни за сите политички партии во земјата“.