1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Брисел најавува мерки против Хрватска

ЕК не добила одговор од Хрватска за законот за европски налог за апсење, иако во петокот истече рокот за испраќање на одговорот до Брисел, изјави портпаролаката на ЕК, Мина Андреева.

Андреева најави дека Комисијата поради тоа ќе преземе мерки против Хрватска:

„Според моите сознанија не добивме одговор. ЕК изразува длабоко жалење поради тоа што Хрватска не одговори на ова итно барање“, истакна Андреева, како што јави ХИНА.

Хрватска кон крајот на јуни го донесе законот за европскиот налог за апсење, наречен „Лекс Перковиќ“, според кој тој налог не важи за злосторствата извршени пред август 2002 година.

ЕК потоа го утврди 23 август како рок до кој Хрватска треба да го усогласи својот закон за европскиот налог за апсење со европските прописи.

Андреева потсети дека потпретседателот на ЕК и комесарка за правда Вивиан Рединг на неколку пати јасно укажа на последиците.

„Чекорот на Хрватска значи дека неколку криминалци, осомничени за убиство на хрватски емигранти во друга европска земја за време на комунистичкиот режим, можат и натаму да се кријат зад хрватските граници“, истакна таа.

Андреева додаде дека Рединг ќе ја запознае ЕК со ова прашање следната недела и ќе предложи акција во согласност со членот 39 од хрватскиот пристапен договор. Членот 39 предвидува „соодветни мерки“, меѓу кои е и кратењето пари од фондовите на ЕУ.