1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Брисел во „пауза за размислување„

Во Брисел не владее атмосфера како да пропаднал светот, а со оглед на јасното француско одбивање, раководсвото на ЕУ до доцна синоќа ги вложуваше сите напори да се сочува спокојството. Основната поента е дека европското обединување продолжува, дека со Франција конструктивно ќе се соработува без да се преговара одново за договорот, очигледно според мотото: со времето ќе си дојде и умот.

Дури по еден час од затворањето на изборните места во Франција пред новинарите се појавија претседавачот на Унијата Жан Клод Јункер и претседателот на Европската комисија Жозе Барозо кој изјави:

„Жалиме поради одбивањето од страна на една земја која преку 50 години им припаѓа на моторите на европската идеја„.

Премиерот на Луксембург Жан Колд Јункер му се спортивстави на мислењето дека уставниот проект веќе пропадна по француското „НЕ„:

„Договорот не е мртов, но мора да се каже дека вечерва не е посебно силен„.

Јункер најави дека процесот на ратификацијата ќе продолжи. Во секој случај девет држави, меѓу нив и Германија, веќе го прифатија. Рокот за ратификација тече до ноември 2006, а дури потоа на самит на ЕУ ќе бидат повлечени консеквенците. Теоретски е можен втор референдум во Франција. Меѓутоа, тешко подготвуваниот текст на Уставот веќе не може да биде предмет на договарање, вели Јункер, зашто секоја земја повторно би најавила специјални желби:

„Се надевам, откако овој процес на ратификација ќе продолжи и откако ќе се констатира дека веќе нема нови преговори, дека и Франција ќе учествува во дебатата што ќе ја водат другите. На крајот заеднички би оцениле дека сме дошле до заедништво за натаму да ја унапредуваме Европа„.

Во Холандија, Полска, Чешка и Велика Британија допрва престојат референдуми со неизвесен исход. Дипломатите во Европската унија тргнуваат од тоа дека Унијата сега ќе влезе во „пауза за размислување„. Продлабочувањето на соработката и приемот на нови членки од Балканот или преговорите за членство со Турција би можеле да бидат одложени.Во Брисел се вели дека по француското „НЕ„ и владината криза во Германија, европскиот мотор е доста оштетен. Шефот на фракцијата на социјалистите во Европскиот парламент, Мартин Шулц исто така, се залага за продолжување на процесот на ратификација:

„Нам ни се потребни повеќе транспаретност, демократија и ефикасност на институциите. Тоа се три содржини на уставот. Тие ни се потребни повеќе од кога и да е. Значи, за нив мораме и натаму да се бориме„.

Социјалдемократскиот евро-пратеникот Јо Лајнен предлага државите што двапати би го одбиле уставот да се повлечат од Европската унија.