1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Бриселската политика во скутот на лобистите

Лидерите на земјите членки на ЕУ се носители на најважните одлуки. Но, зад бриселските кулиси делуваат илјадници лобисти кои се обидуваат да влијаат врз одлуките. Сега тие се најдоа на отстрел.

Минатата недела во вестите ги гледавме исцрпените лица на европските политичари. По 25 часовни преговори, шефовите на држави и влади на самитот во Брисел постигнаа договор за буџетот на ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година. Одлуката беше донесена во, колку што беше можно, транспарентна постапка. Стотици новинари известуваат од настанот. Беше тоа вистински медиумски спектакл во кој гледачите можеа да стекнат впечаток дека лично присуствуваат на собирот.

Но, во ЕУ постои и еден посебен свет во сенка во кој одлуките се носат вон сите официјални конференции или самити. Таквите одлуки обично не му служат на доброто на сите, туку им служат на одредени интереси. Тоа е светот на лобистите, анонимните дошепнувачи на моќниците. Една сцена покажува колку далеку оди нивното влијание: во отмен бриселски ресторан еден гостин гласно се фали со својата лобистичка дејност. Зборува дека ги застапува интересите на петмина клиенти и дека за тоа добива 100 илјади евра годишно. Но, тој човек, всушност не е лобист туку политичар: Ернст Штрасер австриски конзервативец во Европскиот парламент.

Разговорот бил сниман со скриена камера и е дел од документарниот филм „Бриселски бизнис“ на австрискиот режисер Фридрих Мозер и неговиот партнер Матје Литер. Тие сакале да дознаат како во ЕУ доаѓаат идеите за нови закони, кој ги предлага, и кој во позадина ги влече конците. Дали се тоа демократски избрани влади или менаџери и големи концерни? Во случајот со Штрасер, ситуацијата беше брзо расчистена. Во март 2011 година мораше да поднесе оставка. На парламентарците во ЕУ им е забрането лобирање. Но, голем дел од лоби системот во Брисел е легален и одамна активен.

Добри соседи

Се проценува дека во Брисел за пристап до моќниците се борат меѓу 10 до 20 илјади лобисти. Нивната блискост со политичарите се подразбира. На 3-4 квадратни километри кои го опкружуваат плоштадот на Шуман во Брисел се наоѓаат седиштата на Комисијата на ЕУ, Советот на министри и парламентот, и веднаш до нив канцелариите на лобистичките организации. Лобистичката истражувачка група „Корпорејт јуроп обзерватори“ проценува дека годишно за лобирање во корист на големите концерни се трошат повеќе од една милијарда евра годишно.

Она што за лобистите е „неопходно посредување на интереси“, за невладините организации е перфидна трка со цел да се предизвика внимание и да се оствари влијание. Минатата недела ополномоштеникот на ЕУ за граѓани Никофирос Дијамандурус, врз основа на жалби на повеќе невладини организации, покрена истрага за работата на Комисијата. Поводот за жалбата е големиот број на преминувања на службеници на ЕУ во лобистичката бранша.

„Пет од 13 последни комесари од последната Комисија преминаа во вносни дејности во приватниот сектор“, вели за ДВ Нина Кацемих од организацијата Лоби Контрол.

„Ние го критикуваме тоа што на финансиски силните лобистички актери им е дозволен директен увид во работата на бирократијата на ЕУ, а овозможени им се и директни контакти со високите функционери на таа бирократија“, вели Кацемих.

Јасни правила

Од друга страна, лобистите својата работа ја гледаат во позитивно светло. Она што е добро за концерните е добро и за граѓаните, убеден е Паскал Керни, шеф на лобистичката група „Јуропиан сервисиз форум“. Керни две години работеше во Комисијата на ЕУ пред да стане лобист и сега се смета за еден од најуспешните во оваа бранша во Брисел. Тој е горд на тоа што има пристап до стотици најважни носители на одлуки во ЕУ.

„Јас сум посредник. Лобирањето отсекогаш го сметале за валкана работа. Но тоа е само вмрежување, тука се работи за контакти меѓу луѓето“, објаснува Керни во документарниот филм на оваа тема.

Режисерот Мозер се согласува дека лобирање е дел од демократскиот процес и не може да се забрани, но тој бара построга контрола и јасни правила за лобистите, како што е случајот во САД. Во САД се поднесуваат извештаи во секој квартал од кои може да се види кое лоби на кој политичар му се обратило, како се финансирало тоа лоби и какви им се плановите.

„Тоа е примерот кој треба да се следи во Европа“, вели Мозер.