1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Брикер: Нема потреба од страв од Романците и Бугарите

Романците и Бугарите од денеска (1.01) можат да работат слободно на цела територија на ЕУ. Експертот за миграции Херберт Брикер оценува дека страв од „дојденците“ не треба да има.

Дојче Веле: Господине Брикер, зошто загриженоста поради слободата на движење и работа е неоправдана?

Брикер: Не станува збор за проширување на можностите за добивање социјална помош и други социјални услуги. Тука не се менува апсолутно ништо. Станува збор за создавање нови работни места. Романците и Бугарите досега смееја да работат во Германија само како сезонски работници, или доколку беа апсолвенти или во процес на образување низ работа. Сега пазарот на работна сила е отворен за сите. Сметаме дека во Германија ќе дојдат меѓу 100 и 180 илјади лица од Бугарија и Романија. Најголемиот дел од нив ќе работи, ќе плаќа даноци и други давачки. Од тоа стопанството профитира.

Во кој смисол?

Луѓето што доаѓаат и работат овде уплаќаат во системите за пензиско осигурување и другите осигурувања, плаќаат здравствено осигурување и слично. Тоа за јавните финансии и социјалната држава е нето добивка која е значително поголема од она што ние го даваме на име на услуги, како социјалната помош.

Што покажа Вашето истражување - како живеат сега Бугарите и Романците во Германија?

На една страна се висококвалификуваните. Повеќе од 20 проценти имаат универзитетски дипломи. Осумнаесет проценти се во процес на обука и образование, главно студенти. Значи, имаме сегмент кој е многу добро квалификуван или кој се квалификува во Германија и кој потоа веројатно ќе добие и добри работни места. Покрај тоа, има 40% лица кои немаат образование, главно сезонски работници. Во средината се 35% лица кои имаат завршено образование, а работат како обични работници и негуватели или слични дејности. Значи не треба да се паушализира. Се работи за нормални доселеници кои дошле за да работат, а не за доселување поради сиромаштија со цел да се користат социјални услуги.

Значи нема да има такво доселување?

Ќе има и доселување поради сиромаштија за да се користат социјални услуги и помош, но најголемиот дел од луѓето ќе работат во Германија.

Во Рурската област изгледа особено лошо. Дали нема опасност од тоа луѓето да доаѓаат во Германија само поради социјални услуги?

Десет проценти од бугарското и романското население добива Харц 4 (програма за социјална помош, н.з.). Тоа е значително помалку од просекот што го има кај странците во Германија, кој изнесува 16%. Кај домашното население Харц 4 добиваат 7,5% лица. Мислам дека тој број нема значително да се зголеми. Напротив, со новите можности за вработување дури е можно и да се намали. Но има и дел од лицата кој не работи и добива услуги. Тој дел е концентриран во одредени градови како Берлин, Дуизбург и Дортмунд, но проблеми имаат и Офенбах и Келн. Таму ситуацијата е сосема поинаква отколку на сојузно ниво.

Херберт Брикер е експерт за миграции на Институтот за истражување на пазарот на работна сила и професии. Тој учествуваше во подготовка на извештајот за ситуацијата на доселениците од Бугарија и Романија кој беше објавен од страна на институтот на 23 декември 2013-та.

DW.COM