1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Брза смена на власта во Каиро - Мурси замина, дојде Мансур

Веќе еден ден по соборувањето од власт на претседателот Мурси, Египет доби нов шеф на државата, привремен. Адли Мансур, назначен од војската, ја презеде должноста. Мурси пак се наоѓа во домашен притвор.

67-годишниот претседател на египетскиот Уставен суд Адли Мансур положи денеска заклетва како привремен претседател на Египет, откако претходно војската го собори од власт досегашниот шеф на државата, Мохамед Мурси. Церемонијата беше емитувана во живо од националната телевизија. Според указот на воените власти, Мансур ќе ја извршува функцијата се‘ до изборот на нов претседател, а датумот на изборите се‘ уште не е определен.

Мансур во обраќањето на церемонијата вети дека ќе го штити републиканскиот систем на владеење и оти ќе ги почитува Уставот и законите.

„Најважната работа, која се случи на 30 јуни е тоа што Египќаните се обединија под исто знаме“, изјави новиот претседател во врска со масовните протести, кои избија со барање за оставка на Мурси.

Ägypten Militär stürzt Präsident Mursi

Војската воспостави нов ред

Во меѓувреме египетската војска ја презеде контролата врз државните медиуми и телевизиските станици, со кои управуваше организацијата Муслимански браќа, чии лидери се уапсени. Повеќето египетски држави медиуми денеска едногласно го поздравија соборувањето на Мурси од власт. Со големи црвени букви државниот весник „Ал Ахрам“ пишува дека „соборувањето на претседателот е револуционерно легитимно“, а весникот „Ал Акхбар“ објави дека „револуцијата на народот победи“.

Египетските државни медиуми јавија и дека лидерите на Муслимански браќа се наоѓаат во истиот затвор во Каиро, каде беше поранешниот претседател Хосни Мубарак, кој исто така беше соборен од власт.

Ägypten Freude bei Opposition - Militär stürzt Präsident Mursi

Славје по соборувањето на Мурси

Претседателот на политичкото крило на Муслимански браќа, Партијата на слободата и правдата и поранешен претседател на Парламентот, Саад ел Кататни беше уапсен заедно со Рашад ал Бајоми, еден од замениците лидери на движењето. Тие двајцата се во затворот Торах во околината на Каиро, каде се наоѓаат Мубарак и неговите синови, Али и Гамал. Уапсените се закана за јавната безбедност поради нивниот повик на насилство, гласи образложението.

Мурси пак своето обезвластување го оцени за пуч. Тој истовремено ги повика Египќаните да останат мирни и да избегнат крвопролевање. Бунтот против Мурси беше насочен пред се‘ поради неговиот авторитарен начин на владеење и засиленото исламизирање, како и економската пропаст на земјата.