1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Брза истрага наместо „деактивирање на веќе експлодирана бомба“

Објаснување дека експлозијата во Карпош не се случила пред партиски штаб, туку на улица, не може да ја релативизира тежината на актот-не е помалку опасна и експлозија пред „ничија врата“, велат експерти за безбедност.

„Падна бомба од небото“. Овој наслов во дневниот весник „Слободен печат“ засега најилустративно го отсликува „напредокот“ во истрагата за експлозијата, која според МВР се случила на улица „Варшавска“, а според СДСМ, во близина на нивниот штаб во општина Карпош, во време кога таму биле присутни триесетина членови на партискиот подмладок.

Шесте оштетени возила се најмалата последица од тој чин, ако се има предвид колку други може да произлезат кога фокусот за настанот е целосно изместен. Наместо за прашањата - кој и зошто, институционалната енергија е насочена кон објаснување дека експлозијата не се случила пред партиски штаб, туку во мала, неосветлена улица, со што посредно се релативизира тежината и опасноста на тој акт. Дури и да е така, дали експлозија пред „ничија врата“ е помалку опасна – прашуваат експерти за безбедност.

Македонија од денот на распишување на претседателските избори и официјално е влезена во изборен период. Она што граѓаните го очекуваат и вон избори и пред избори – е мирно и безбедно секојдневие.

Подземни методи

Експертите за безбедност со загриженост ги анализираат овие настани. Заради поларизираноста на општеството и можноста од последици за јавно искажана оценка, дел од нив не сакаат со име и презиме да зборуваат за можните мотиви на ваквите инциденти.

„Многу е потешко да се анализираат ваквите настани кога се случуваат во изборен период. Факт е дека нивната мотивација најчесто има изборна заднина – заплашување, предизвикување страв, вознемиреност или испраќање одредена порака до одредена 'адреса'. Но, практиката покажа дека изборниот период може да се користи и како алиби за сосема други, неизборни цели. Има многу случаи, кога некои агенции за обезбедување имоти и лица, користат вакви форми, за да добијат нови клиенти, според мотото 'Исплаши го, за да те ангажира да го заштитуваш'. Во практиката, за жал, се‘ уште функционираат вакви подземни методи на работа, бидејќи имаат центри на моќ кои ги штитат, а за време на избори и ги користат нивните 'услуги'“, вели нашиот соговорник.

„Шрапнелите“ од ваквото дејствување во изборен период предизвикуваат повеќе ефекти - и психолошки и финансиски: предизвикување страв, но и обезбедување нови клиенти, што ги прави ваквите фирми посакувани соработници во изборен период, особено за партии кои не полагаат многу внимание на синтагмата „фер и демократски избори“.

Штабот на СДСМ во Карпош и нивниот прв сосед фирмата „Озон“, не користеле услуги на агенција за обезбедување. Двете камери во сопственост на фирмата ја снимале капијата и чуварската куќичка, но не го фаќале аголот каде биле фрлена експлозивната направа. Поради нивната слаба резолуција и неосветлената улица, никој и не очекува дека снимките од тие камери ќе помогнат во истрагата. Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи и лидер на владејачкиот Демократски Сојуз, вели дека е најважно случајот брзо да се расчисти.

„Кој и да стои зад овој акт, тој е за најостра осуда. По наводното труење во училиштето во Гостивар, сега со фрлањето експлозивна направа, повеќе од јасно е дека целта е да се предизвика несигурност и вознемиреност кај граѓаните. МВР мора да реагира ефикасно, но и да ја информира јавноста за наодите од истрагата“, вели Трајанов.

Неговата порака не е без основа, ако се има предвид дека се‘ уште немаат епилог случајот „труење на средношколци во Гостивар“, ниту бомбата што повреди малолетни деца во ромската населба во Тетово. Од МВР велат дека нивната работа е завршена, а на потег е обвинителството. Обвинителот од Гостивар Ахмет Ахмеди потврди дека вчера ги добил официјалните документи од МВР, а во минатиот петок и извештаите од Судска медицина, па наредните денови ќе ги анализира. Не може да даде проценка кога ќе има епилог случајот „труење“, затоа што се работело за обемен материјал. За другите случаи владее обвинителски молк.


Црна дамка во предизборието

„СДСМ е загрижен што МВР излезе со став дека целта на нападот можеби не било седиштето на СДСМ, иако истрагата уште не беше ни започната. Сето ова фрла црна дамка на предизборниот процес, кој мора и треба да помине мирно“, рече Стефан Богоев, лидер на младите социјалдемократи. И ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди активирањето на експлозивна направа, но по теркот на МВР, потенцираше дека тоа се случило „во Скопје“. Тоа не ја намалува потребата од брза истрага, ако се има предвид дека се случила во близина на училиште.

„На почетокот не верувавме дека станува збор за експлозија на бомба. Ние овде секојдневно се дружиме, во близина има и спортско игралиште, училиште и од тие причини не поверувавме дека некој се осмелил овде да фрли бомба“, рече претседателот на Локалниот клуб на СДММ во Карпош, Владимир Станивуковиќ.

Експлозијата на бомба во Тетово и оваа пред штабот на СДСМ, сведочат за опасни форми на загрозување на безбедноста, тврди Фросина Ременски, потпретседатал на СДСМ и шеф на катедрата на полициски науки на Факултетот за безбедност.

„Фактот дека вакви настани не се случуваат често, а се случуваат во чувствителен период, укажува на потребата надлежните навремено и професионално да ги расчистат. Чувството на страв и несигурност е движечки потенцијал за создавање на исплашени и аптични граѓани. Ако тоа чувство се стави во политички контекст, може да рефлектира одвраќање на граѓаните во вклучување во политичките процеси. Секое избрзано давање на изјави од страна на МВР, без претходно да се утврдат сите околности и да се спроведат сите мерки и активности, остава простор за шпекулации. Изјавата од МВР, дека ’целта на нападот не бил СДСМ’, во време кога се‘ уште се вршеше увид на терен, не оди во прилог на професионалниот однос и известување на МВР. МВР треба да биде дополнително мотивирано да покаже неселективност и неутралност во постапувањето и известувањето, дотолку повеќе што експлозијата се случува пред штаб на опозициска партија. Голема е веројатноста дека сите безбедносни настани во овој период можат да бидат во политички контекст. За да се избегне тоа, надлежните институции треба да покажат висок степен на интегритет, професионалност и политичка неутралност. Настаните од ваков тип сериозно ќе влијаат на оценките на меѓународната заедница за изборите во Македонија“, вели Ременски.

Нема политичка култура

Според аналитичарите, изборните правила сами по себе не можат да гарантираат фер атмосфера, ако кај политичките субјекти недостига вистинска политичка култура, а со тоа и релаксиран политички амбиент. Дали вакви инциденти можат да биде вовед во поголеми предизборни тензии, го прашавме претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, кој не ја крие својата загриженост.

„Секако дека можат. И мислам дека не се случајни. За жал, инциденти имаше и во претходните изборни циклуси. Ова што сега се случува, алудира, 'мириса' на потенцијални тензии. Дај боже да не се случат. За таа опасност да се исклучи, многу е битно овој инцидент брзо да биде расветлен. Не смее ништо да остане неразјаснето“, вели Рилкоски.

Досега најчест и „најбениген“ декор во изборните инциденти беа искршени прозорци на партиски штабови. На 14. јануари беше демолирано возило на Либерално-демократската партија на Македонија. Од партијата изразија сомневање дека се работи за намерен чин и заплашување. На 18. јануари беше демолиран објект на партиски огранок на СДСМ во Струмица. Практиката дека тоа е „максимумот“, ја нарушија бомби. Последниот инцидент го осуди и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој од МВР побара „покажување искрена волја за разрешување на инцидентот“. Од таму нагласија дека е потребно МВР да и‘ се обрати на јавноста и да даде информации за тоа што е преземено досега и кои се идните чекори. Комитетот повика сериозно да се разгледаат и наводите за кривично дело сторено од омраза поради политичка припадност. Во едно се согласни сите - дека е најважно брзо расчистување на настанот. Во спротивно, состојбата ќе наликува на „деактивирање на бомба која веќе експлодирала“, термин кој се користи за опишување на лажните техники за современо управување со кризи.